Прес конференција на СДСМ, Богданка Кузеска – потпаролка
По неполна година од формирање на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, таа почнува да се распаѓа. Тоа е директна потврда на она што граѓаните го чувствуваат секој ден – дека Владата на Христијан Мицкоски е нефункционална, деструктивна и целосно заглавена во сопствени интереси. За неполна година, оваа Влада почнува да се распаѓа, затоа што е составена само за да задоволи лични апетити. Коалицијата полека се ситни, затоа што нема ни причина да постои – ништо не ја држи заедно освен функциите.
Граѓаните немаат никаква добивка од оваа власт. Сведоци сме на катастрофални економски резултати, нула реформи, распад на институции и понижување на државата на меѓународна сцена. Мицкоски е премиер без насока – ја води државата како да е приватна компанија, фокусирана само на тоа кој каде ќе се вдоми и што ќе земе. Владата не ја води со визија и храброст, туку со калкулантски однос за секое важно прашање. Јасно е деканема лидерство и одлучност во оваа Влада.
Нема ни трага од ветената ефикасност. Народот живее сè потешко, цените растат, платите тапкаат во место, а Владата троши милиони за луксуз и гоштевања. Додека работниците молат за повисока минимална плата, народните пари одат на папаја, манго, бејби-биф, октоподи. Додека граѓаните се борат да преживеат месец за месец, Владата живее на висока нога, како да сме во економски бум.
На локално ниво, состојбата е уште пострашна. Општините предводени од ВМРО-ДПМНЕ се расадници на корупција. Градоначалниците се фокусирани на местење тендери, не на решавање на проблемите. Улици не се поправаат, училишта пропаѓаат, а јавните услуги се во хаос. Граѓаните се оставени сами, системот е глув и слеп за реалните проблеми.
Партнерите си заминуваат а граѓаните се во апатија затоа што гледаат дека оваа влада нема капацитет. Никој не треба да биде соучесник и дел пропаѓањето на државата во провалија кон која не води Мицкоски. Сите што остануваат со Мицкоски се дел од истиот проблем. Свесно ја поддржуваат штетната насока и ја носат истата одговорност.
Ова е Влада без систем, без план, без резултати. Единствено што функционира во оваа влада се личните интереси.
Но државата не може да се води така. Граѓаните не можат вечно да трпат заради туѓи договори, туѓи сметки и туѓи амбиции. Ова е момент за соочување со политичката вистина: Македонија нема време за експерименти, нема простор за играње држава. Потребна ни е функционална, одговорна и сериозна власт.
СДСМ ќе продолжи да биде гласот на разумот и одговорноста. И оваа власт, како и сите што се градат врз лаги и интереси, ќе падне. Прашње е само колку штета уште ќе направат до тогаш.
СДСМ – Центар за комуникации со јавноста
Фото: СДСМ