Како Претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ давам силна поддршка за донесување на Национална стратегија за демографија преку конкретни мерки кои ќе се однесуваат на поддршка на мајките и семејствата како целина, изјави Жаклина Пешевска на 20 годишната конференција на УЖ.
Интегрираноста на жените во сите слоеви на општеството е клучна. Ние не треба да стоиме на периферијата, туку треба да бидеме активни учесници во креирањето политики, во водството, во промената на општеството.
Нашиот стил на лидерство не се мери само со одлуките кои ги носиме, туку со начинот на кој ги изнесуваме истите. Ја чувствуваме тежината на одлуките, но никогаш не се колебаме да ги донесеме. Нашиот пристап не се базира само на логика, туку и на емпатија. Нашата сила е безгранична. Знаеме дека понекогаш тишината е посилна од зборот, но знаеме и да бидеме громогласни во заштита на семејството, а со тоа и на нацијата.
Жената е пулсот на општеството – животот што тече низ семејството, заедницата и нацијата. Таа не само што ги носи предиспозициите да раѓа идни поколенија, туку и ги обликува нивните вредности, морал и духовна сила. Нејзината љубов како мајка го гради темелот на иднината, нејзината посветеност како професионалец придонесува за развојот на општеството, а нејзината визија како лидер инспирира промени што оставаат траен печат. Таа е чувар на традицијата, заштитник на нацијата и двигател на модернизацијата на општеството. Кога жената е почитувана и поддржана, општеството станува посилно, похумано и поодржливо.
Кога мажот и жената заеднички чекорат низ политиката, општеството добива рамнотежа, визија и сила. Нивната соработка носи различни перспективи, хуманост и решителност, создавајќи политики што ги одразуваат потребите на сите граѓани. Поддршката меѓу нив не е само лична, туку и симбол на единство, каде што компетентноста и посветеноста ја надминуваат секоја разлика. Кога политиката се гради врз заемно почитување и заеднички напори, нацијата напредува кон праведност, стабилност и инклузивност, обезбедувајќи иднина каде што секој има глас и место во општеството. Нема силен маж без силна жена, ниту успешна жена без маж кој бескомпромисно ја поддржува. Ние не сме спротивставени сили, туку партнери. Во животот, во семејството, во општеството. Поддршката не е слабост, туку основа за вистински напредок.
Би сакала сега да упатам јавна благодарност до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. Др. Христијан Мицкоски, кој постојано дава целосна и бескомпромисна поддршка на Унијата на жени. Како и до останатите колеги од партијата и до мојот тим.
Мојот говор, ќе го завршам со изразување на искрена почит и благодарност до моето семејство. Вие сте мојата најголема сила, потпора и мојот неисцрпен извор на храброст и истрајност кога најмногу ми се потребни. Би благодарам што ја разбирате тежината на мојата мисија и покрај сите предизвици кои ги пребродивме заедно како семејство, вие сте најголемата причина за која ќе продолжам да бидам громогласна за успешна и стабилна Македонија до крај. Драги мои, останете громогласни за Република Македонија, да сте ми живи и здрави и да ни е вечна Република Македонија.