Манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“, повеќе од 5 децении се одржува во вечниот Рим, каде што во црквата „Сан Клементе“ бил погребан Свети Кирил, еден од најголемите просветители и духовни столбови на словенскиот свет. Токму овде, во овој свет град каде што почива неговото тело сме собрани со длабоко чувство на благодарност и почит. Благодарност за писмото и словото што ни ги подарија браќата Кирил и Методиј и почит за нивното визионерство, кое не само што ја осветли темнината на неписменоста туку и го вгради нашиот идентитет во темелите на европската цивилизација, рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков вчера во Рим, каде во рамки на културната програма концерт одржа пијанистот Симон Трпчески.

Министерство за култура и туризам

Во своето поздравно обраќање пред концертот, во историскиот простор „Хорти Салустијани“ во Рим, министерот Љутков посебно ја нагласи симболиката на чествувањето кое се совпаѓа со изборот на новиот папа – Неговата Светост Лав XIV, духовниот водач на Католичката црква и упати искрени честитки во духот на почитување на универзалните вредности, дијалогот меѓу народите и религиите.

Тој се осврна и на концерт на пијанистот Симон Трпчески Трпчески и квинтетот „Македонисимо“, на кој беа изведени дела од Едвард Григ, Петар Илич Чајковски и македонскиот композитор Панде Шахов.

Министерство за култура и туризам

-Имаме особена чест да уживаме во интерпретацијата на еден од најистакнатите амбасадори на македонската култура, пијанистот Симон Трпчески. Симон со својата уметност не го освојува само светот, туку во секој тон, во секој акорд, на секоја сцена ја раскажува приказната за нашата земја, за нашата радост, тага, за нашата упорност. Тоа што тој го носи на сцената не е само музика – тоа е душа, тоа е Македонија. Секој негов настап е сведоштво дека уметноста е универзална, дека таа обединува и воздигнува и дека токму преку неа се среќаваат духовното, боженственото и човечкото. Затоа нека вечерашниот концерт биде нашата современа молитва, не со зборови туку со музика. Нека таа зборува таму каде што зборовите замолкнуваат. Нека делото на Свети Кирил и понатаму нѐ води низ вековите, низ културата и низ срцето на народот, затоа што јазикот ни е дом, културата ни е светлина, а заедништвото – сила, порача Љутков.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, како член на државно-црковната делегација предводена од претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, по повод чествувањето на денот на светите браќа Кирил и Методиј, претходно го посети и гробот на папата Франциск, а положи свежо цвеќе и пред спомен-плочата на македонски јазик во базиликата „Санта Марија Маџоре“.