Мирил МИНОСКИ
Економски раст за сите (инклузивен економски раст)
„Економија што расте, но не ги споделува придобивките од тој раст, не е само неправедна – таа е и нестабилна.“
— Џозеф Стиглиц, Нобеловец и економист
Овој цитат од познатиот економист ја доловува суштината на економскиот раст. Иако економскиот раст, најчесто мерен преку порастот на бруто-домашниот производ (БДП), се користи како еден од главните индикатори за напредок на едно општество, тој не значи автоматски и подобрување на животниот стандард на населението.
Постојат бројни примери на економии ширум светот кои со години бележат високи стапки на економски раст, но истовремено кај нив се продлабочуваат социјалните нееднаквости, а сиромаштијата останува на исто ниво или дури расте. Главната причина за оваа состојба е нееднаквата распределба на придобивките од економскиот раст – богатството се концентрира кај мал број луѓе, додека мнозинството останува на маргините.
Затоа клучното прашање денес е токму инклузивниот економски раст односно економски раст што ќе донесе придобивки за сите граѓани, бидејќи нееднаквоста не е само морално, туку и економско прашање – таа влијае на долгорочната стабилност на економијата. Инклузивниот раст подразбира, пред сè, правична распределба на плодовите од економскиот раст, намалување на социјалните и регионалните разлики, еднакви можности за пристап до образование, здравство и пазар на труд, вклучување на маргинализираните групи во економските текови, намалување на корупцијата и владеење на правото.
Македонија, со просечна годишна стапка на раст на БДП од околу 2,2% во изминатите децении и БДП по жител од околу 8.500 евра, има потреба од забрзан економски раст, но и од нов економски модел затоа што постојниот не дава резултати. Модел кој наместо да нè задржува на дното на Европа, со неефикасни институции, широко распространета корупција и сиромаштија, ќе обезбеди напредок и заеднички просперитет. Затоа секогаш кога ќе се обезбеди економскиот раст, треба да се води сметка придобивките од него да ги почувствуваат сите граѓани – не само една мала група. која ќе гледа на државата како на сопствена приватни фирма од која ќе остварува профит, а кој во најголем дел ќе заврши надвор од границите на земјата.