Европската Унија дозволи да истече рокот на важност на трговските отстапки за Украина, со што завршува системот на ослободување од царини воведен веднаш по почетокот на руската инвазија врз земјата во 2022 година. Според Европската комисија, транзициските мерки истекоа на полноќ, а претходните договори ќе останат во сила додека не се постигне нов трговски договор, јави ДПА.
Оваа промена значи дека украинските производи повторно ќе бидат подложни на тарифни квоти според претходниот договор од 2016 година.
Во јуни 2022 година, ЕУ ги укина царините за украинскиот увоз како дел од напорите за поддршка на економијата на земјата зафатена од војна. Мерките беа продолжени минатата година, но со воведување на построги ограничувања за одредени земјоделски производи, како што се жито, јајца и живина.
Отстапките предизвикаа протести од земјоделци во неколку земји-членки, особено во источниот дел на ЕУ, кои се пожалија дека евтиниот украински увоз ги потиснува домашните производители. Во Франција исто така имаше барања за построги царински мерки.
Според европски дипломати, националните земјоделски интереси одиграле значајна улога во дебатата за укинување на отстапките.
До крајот на 2025 година, Украина ќе може да извезува само до седум дванаесеттини од годишните квоти определени според претходниот договор. Европската комисија соопшти дека работи на нов договор кој ќе ги земе предвид и загриженостите на земјите членки и потребите на земјоделските производители.