Сосема извесно е дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе победат и дека има шанси СДСМ да остане и без ниту една освоена општина. Тоа за мене потврда за огромната поддршка од народот, но и огромна одговорност што значи дека мора да се има отчетност, да не се заборават вредностите кои ги имаме и ветивме на народот, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски во обраќањето на годишната Конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Мицкоски клучно е да се продолжи да се работи со несмалено темпо и постојано. Тој воедно упати и порака до функционерите.
-Обврската која ја добивме од граѓаните пред сè значи одговорност, која не се гледа само во начинот на кој се води политиката, туку и според начинот на кој се однесуваме во секојдневието. Секој еден функционер треба да има на ум дека народот живее тешко и дека мора одговорно да се однесува секој од Владата кон секој еден народен денар со кој управуваме, вели Мицкоски.
Мицкоски укажа дека никој не смее да го разочара народот.
-Не смееме да го разочараме народот кој во нас гледа надеж, за промени и враќање на сонот за Македонија која има иднина, затоа што ветивме работа и знам колку посветуваме внимание и го слушаме народот и знам дека мора да правиме разлика од се она што беше порано. Не смее во ниту еден момент да се заборави на народот, мора да останете сервис и на услуга на народот постојано, и само така ќе бидете гордост и на базата на партијата, и на сите кои трчале, макотрпно работеле да бидеме она што сме сега, убедливо најголемата политичка сила во Македонија. Тоа е ВМРО-ДПМНЕ, заклучи Мицкоски.