Полицијата го лиши од слобода Александар Нацев, сопственикот на Агенцијата, која ја обезбедувала дискотеката „Пулс“, во која во пожарот на 16 март годинава загинаа 62 лица, а речиси 200 беа повредени.
Од МВР за МИА потврдија дека лицето А.Н. е лишено од слобода, по претходно извршени претреси на две локации во Скопје и Пробиштип.
-Почитувани, МВР во координација со јавен обвинител по наредба на судија на претходна постапка изврши претреси во две локации во Скопје и Пробиштип, во врска со агенција за обезбедување при што лишено од слобода е лицето А.Н., нагласија од Министерството.
Од Јавното обвинителство изутринава соопштија дека со истражната постапка за пожарот во кочанската дискотека “Пулс” е опфатено уште едно лице за кое е поведена истрага за – тешки дела против општата сигурност. За лицето се обезбедени докази дека е одговорно лице, реален сопственик на осомниченото правно лице – Агенција за обезбедување на имот и лица од Скопје. Согласно доказите, тој раководел со деловниот потфат и целокупното работење на агенцијата, заедно со претходно осомничениот управител и со овластеното лице на подружницата во Кочани. Лицето, како што посочија од Обвинителство е приведено и за него ќе биде побарана мерка притвор.
-Со истражната постапка за пожарот во кочанската дискотека „Пулс” е опфатено уште едно лице за кое е поведена истрага за – Тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик. Во текот на досегашната постапка се обезбедија докази согласно кои за сега осомничениот се утврди дека е одговорно лице – реален сопственик на осомниченото правно лице – агенција за обезбедување на имот и лица од Скопје, соопшти републичко Јавно обвинителство.
Лицето раководело со деловниот потфат и целокупното работење на агенцијата, заедно со претходно осомничениот управител, како и со овластеното лице на подружницата во Кочани.
-Тие без да имаат склучено договор со корисникот на услугата Кабаре ПУЛС Кочани, во текот на 2025 година вршеле обезбедување на имот и лица за клубот. Новиот осомничен во континуитет активно раководел со планот и начинот за давање на услугата обезбедување преку правното лице. Заедно со осомничените кои биле ангажирани како обезбедување, спротивно на повеќе членови од Законот за приватно обезбедување, без каква било претходна безбедносна проценка и план за обезбедување, како и без проверка на условите за противпожарна заштита и опасност од пожари, без да извршат проверка по однос на сигурносните услови во кабарето од аспект на имот и лица, особено по опасност и можност за евакуација, во текот на вечерта кога настанал пожарот не контролирале и овозможиле влез на деца во објектот, не воделе грижа за преполнетоста на капацитетот за посетители во објектот, не спречиле внес и користење на експлозивни материи – пиротехнички средства од членовите на музичката група, со кои бил предизвикан пожарот, поради што настапила смрт кај 62 лица, со тешки телесни повреди се здобиле 157 лица, а со телесни повреди се здобиле 54 лица, појаснуваат од Обвинителството.
Врз основа на судска наредба вчера бил извршен претрес на две локации во Скопје и во Пробиштип, како и во автомобилот на осомничениот, при што била одземена обемна документација поврзана со правното лице и електронски уреди.
Лицето е лишено од слобода и со оглед на сите околности и законски основи, јавниот обвинител денеска до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Кочани ќе достави предлог за определување мерка притвор.
На 28 мај истрагата за катастрофалниот пожар беше проширена со сопственикот на објектот во кој со години функционирало т.н. кабаре и што го издавал под закуп на еден од претходно осомничените, а на 30 мај од Обвинителството соопштија дека е завршена истрагата за пожарот и дека во неа се опфатени вкупно 46 лица кои се осомничени за тешки дела против општата сигурност.
Фото: МИА архива