Во последните неколку дена се појавија видеа за присуство на лисици во подножјето на Водно, во населбата Козле (мајка со малечки), како и на други места низ Скопје. Апелираме до граѓаните да не креваат паника – овие животни не се опасни и не напаѓаат луѓе, се истакнува во соопштението на здружението Анима мунди, кое во продолжение го објавуваме во целост:

Лисиците, како и многу други диви животни, сè почесто се приближуваат до урбаните средини поради загуба на природните живеалишта, уништување на шумите, градежна експанзија и недостиг на храна. Ова не е закана, туку јасен сигнал дека и тие бараат начин да опстанат.

Лисиците се плашливи, интелигентни и претежно ноќни животни кои се плашат од луѓето и избегнуваат контакт. Присуството на лисици во урбана средина не значи дека се болни или агресивни. Напротив, во многу големи градови како Лондон, Берлин, Торонто, па и Љубљана, лисиците веќе се дел од урбаната дива фауна и живеат паралелно со луѓето без никакви инциденти.

Што треба да направите ако видите лисица?

• Не обидувајте се да ја бркате, фаќате или храните.

• Не оставајте остатоци од храна или отворени канти за ѓубре, затоа што тоа ги привлекува.

• Ако сте со домашно милениче – држете го на поводник и останете смирени, лисицата ќе избега.

• Пријавете ако видите повредена или залутана лисица.

Лисиците се дел од природата на нашата земја. Нека незнаењето не биде храна за ирационален страв и отпор. Наместо тоа, потребна ни е свесност, почит и разбирање кон овие животни кои се обидуваат да опстанат. Ве повикуваме да бидеме град кој живее во хармонија со природата.

Воедно, побаравме мислење од Македонското Еколошко Друштво (МЕД), а дел од нивниот коментар го споделуваме во продолжение:

Лисиците се редовни жители на Водно и често се забележуваат и во градските населби како Жданец, Водно, Козле и Нерези. Забележувањето на мајка со млади е јасен показател дека се работи за здрави единки.

Лисиците, како и другите животни кои се опортунисти во исхраната, лесно може да бидат привлечени во градските и селските средини од органски отпад кој не се селектира и не се собира редовно.

Здружение за заштита на животни „Анима мунди“