Последниот од примерите зошто треба да е обавезно секој јавен службеник да добие одобрение од психијатар за тоа дали е способен да се носи со фунцкијата, ни доаѓа од Кочани. Ако ги растресовме снегулките со ова барање, читајќи подолу за личноста на неделата, ќе сфатите дека на професионалните жртви не им пречи кога ги користат психичките болести во своја корист, пишува Република. Дами и господа: Аки Акиов!

Аки е советник во Општина Кочани од Партијата за Демократски Просперитет на Ромите (ПДПР), коалиционен партнер на СДСМ. Тој бил вработен како раководител на Одделението за јавна чистота во КЈП „Водовод“ – Кочани, каде „активно бил вклучен во сите проекти кои ја засегаат ромската заедница“.

Па, ајде да ги видиме тие проекти.

Неговата медиумска кариера почнува пред околу три години, кога почнува да се жали дека по промената на власта трпел мобинг од страна на директорот на „Водовод“ и на градоначалникот на Кочани, и се наоѓал во тешка состојба поради претрпена психичка и физичка болка.

-Мобингот е специјален начин на вршење притисок врз вработените, така што во овој случај постои вертикален мобинг од градоначалникот и директорот на ЈКП „Водовод“ врз Аки Акиов. Целта на мобингот е веќе постигната, тој се наоѓа во исклучително тешка здравствена состојба. Хоспитализиран е во ЈЗУ Општа болница Кочани, каде што прима терапија. При вршењето на мобингот се запазени сите фази, така што денеска тој се судрува со опасност по животот, ќе рече тогаш Аксел Ахмедовски, претседател на ПДПР.

Во јавноста ќе се прошират и снимки од болничкиот кревет на Аки, опкружен со неговите загрижени сопартијци.

Тие ќе се жалат дека „поради почитувањето на ставовите на нашата партија и поради непочитувањето на политиките на мнозинството му се одземени овластувањата од работна позиција Раководител во ЈП водовод без никакво образложение.“

Арно ама, образложението стигнува веднаш од „Водовод“, од каде ќе потврдат дека Акиов не е деградиран, туку не е раководител во претпријатието заради неквалитетно извршување на работните обврски.

Тие најавуваа тужби, кои секако, не се случија.

Како психички нестабилен човек после го предлагаат на одговорна функција како раководител на јавно претпријатие или советник во Општина, не објаснија.

Откако не му успеа претходната улога на жртва, Акиов следно се жалеше дека од „Водовод“ му го одбиле барањето да добие користење на годишен одмор.

Од „Водовод“ тогаш ќе известат дека Акиов во последните десет месеци користел боледување од дури седум месеци, како и еден месец одмор.

За да остане интересен, во 2023 година Акиов ќе рече дека лица кои добивале тендери, му носеле пари во вреќи дома на градоначалникот Љупчо Папазов. Само неколку часа по заканата за тужба, тој јавно му се извини на Папазов.

Вчера Аки пак докажа дека едноставно не го бива.

Проба да се тепа, ама и фрленото шише не му заврши кај што треба. Па, наместо во главата на „копелето“ од ВМРО-ДПМНЕ – советникот Мирче Стојков, тоа заврши во главата на правничката.

Од неговата партија велат дека овој инцидент не бил прикажан како што треба. Не било фрлено стаклено, туку само пластично шише. Уште да кажеа дека ќе го однесе после тоа на рециклирање.

Оригиналниот текст на Република