Со силна порака за поддршка, инспирација и системски промени, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го одбележа Светскиот ден на жените инженерки – 23 Јуни, со посебен настан кој ги обедини жените од секторот: од студентки до експертки, од практикантки до професорки, од млади инженерки до докажани, влијателни жени во инженерството.

Настанот се одржа во Министерството за енергетика. Присуствуваа претставнички од организацијата Global Engineering Girls при групацијата „Лимак“, млади инженерки од Машинскиот факултет и ФЕИТ, практикантки кој практичната настава ја извршуваат во Министерството, и искусни експертки од институциите МЕМО, МЕПСО, НОМАГАС и други тела поврзани со секторот.

Настанот го отвори министерката Сања Божиновска.

„Во инженерството, како и во животот, најважно е да не се плашиш од комплексни системи. Кога влегуваш во нив со знаење, храброст и истрајност – тие се менуваат, вие ги менувате. А токму тоа го прават жените во енергетиката, рударството, геологијата – секој ден.“ истакна Божиновска.

Посебна чест на настанот беше присуството на специјалната претставничка на Обединетите нации во Македонија, г-ѓа Рита Колумбија, која со својата поддршка и ангажираност силно се залага за родова еднаквост и зајакнување на улогата на жените во општеството. Во отворен разговор со присутните девојки, г-ѓа Колумбија го нагласи значењето на солидарноста, тимската работа и меѓусебното помагање и поттикнување како суштински елементи за постигнување брзи и одржливи општествени промени.

„Мора да се поддржуваме, да сме тимски играчи и да се слушаме, бидејќи само така ќе можеме брзо да ги промениме работите.“ истакна г-ѓа Колумбија
Во неформалната панел-сесија, учесничките споделија кратки лични приказни, поенти од кариерата и пораки до новите генерации. Посебно внимание привлекоа изјавите на жени кои работејќи во „машки“ сектори, денес се носители на промени.

За своите искуства со инженерството и работата во оваа професија говореа и проф. д р Маре Србиновска и проф. д р Невенка Китева од ФЕИТ, Маја Аначкова и Симона Домазетовска Марковска од машинскиот факултет, кој се и дел од надзорните одбори на МЕПСО и ЕСМ инженерката Емилија Сарафска, Елизабета Гиовска од МЕМО како и Виолета Спасова од НОМАГАС.

Нема технологија која не можеме да ја совладаме – ако имаме простор, поддршка и вистински шанса да покажеме што знаеме, истакнаа младите инженерки кој ја испратија и клучната порака од настанот – жените не бараат привилегии, туку еднаква шанса да учествуваат, придонесуваат и водат.
Министерката Божиновска истакна министерството силно ги поддржува сите иницијативи и активности за поголема поддршка за што поголем број млади жени во енергетиката и рударството.

„Наша должност како институција е не само да ги поддржиме жените во STEM, туку и активно да ја градиме средината во која тие ќе напредуваат – не како исклучоци, туку како норма.“, порача Божиновска.

Светскиот ден на жените инженерки не е само симболично одбележување – туку потсетник дека системите не се менуваат сами од себе. Тие се менуваат кога жените добиваат шанса да ги предводат тие промени.