Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека 12-дневната војна со Иран создала можност за Израел, првенствено да ги врати заложниците заробени од палестинските милитанти во Газа по нападот на 7 октомври 2023 година. Неговата изјава, заедно со одлуката на Окружниот суд во Ерусалим да го одложи неговото сослушување во долгогодишниот судски процес за корупција, доведоа до шпекулации дека може да се постигне напредок во завршувањето на конфликтот во Газа и обезбедувањето ослободување на заложниците.

Судот вчера го прифати барањето на Нетанјаху за одложување на судењето, наведувајќи доверливи дипломатски и безбедносни причини.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера наговести дека судењето може да влијае на способноста на израелскиот лидер да преговара.

Началникот на израелската армија, Ејал Замир, во петокот изјави дека војната во Иран, која заврши на 24 јуни, може да му помогне на Израел да ги постигне своите цели против групата Хамас, поддржана од Иран, во Појасот Газа.

Израелското радио Кан објави дека безбедносниот кабинет на Израел се состана синоќа и дека и денеска ќе има средба. Според израелските медиуми, се очекува израелскиот министер за стратешки прашања, Рон Дермер, доверлив човек на Нетанјаху, денес да разговара за Иран и Газа во Белата куќа.

За време на вчерашната посета на безбедносниот објект на израелската домашна разузнавачка служба Шин Бета, Нетанјаху рече: „Сакам да ве известам дека, како што веројатно веќе знаете, по оваа победа се отворија многу можности, многу можности“.

„Спасувањето на заложниците е на прво место. Секако, ќе мора да го решиме и прашањето за Газа, да го победиме Хамас, но проценувам дека ќе ги исполниме двете задачи“, се наведува во лиферуваната изјава од неговиот кабинет.

Од седиштето на Израелскиот форум за заложници и исчезнати семејства, кој се залага за ослободување на педесетте заложници кои сè уште се во Газа, рекоа дека ова е прв пат Нетанјаху да ги наведе заложниците како приоритет.

„Семејствата на заложниците ја поздравуваат веста дека, по 20 месеци, премиерот конечно го прогласи враќањето на заложниците за врвен приоритет“, се наведува во соопштението. „Ова е многу важна изјава што мора да се преведе во сеопфатен договор што би ги вратил сите педесет заложници и би го прекинал конфликтот во Газа“, се додава во соопштението.

Од педесетте заложници, се верува дека само дваесет се живи.