Проглас и аманет до сите родени и неродени Костадинови!

ГО ИЗГОВОРИ ИМЕТО НА МОЈОТ ТАТКО СО ГАДНА УСТА, СЕГА ТИ НЕМА ВРАЌАЊЕ.

Ти, Драган Павловиќ Латас, не знаеш што направи. Во својата бедна, јадна и платена служба кон ВМРО-ДПМНЕ, ја згази последната црвена линија. Не удри по мене – туку по мртов човек. По мојот татко. По мојата крв. По основата на се што сум.

Да кажеш дека татко ми „ја искоцкал куќата“ и со тоа да го ставиш на маса за потсмев тоа не е хумор. Тоа не е критика. Тоа е отворен воен акт кон моето семејство.
А кога ќе удриш по мртов човек – знаејќи дека не може да ти одговори – тогаш ќе одговараш на живите. На нас. На мене. На моите. На сите што ќе се родат со нашето презиме.

Ти ветувам: Ова ќе го носиш на врат цел живот. И кога ќе ми се роди внук, ќе знаеш дека некој Костадинов некаде знае кој си. И кога ќе шеташ по улица, ќе гледаш преку рамо – бидејќи не знаеш од каде ќе ти дојде наплатата. Цела фамилија Костадинови те чека. Не за тужба. Не за медиумски циркус. Туку за суд што ние го држиме. Според наши закони. Наши правила. Наши вредности. Од Малешевијата до Струмица – кај нас кога ќе ја чепнеш честа на мртов, правдата не се моли. Се зема. Ова што го направи ќе го носиш како клетва. Ќе ти стои зад секоја реченица. Ќе те демне по секој агол. Ќе ти дојде кога најмалку очекуваш.

Мојот татко беше човек што го сакаше цел град. Ти не си ни половина од човек да му го спомнеш името. А сега ќе станеш легенда – ама не како новинар, туку како непријател. Како обележан. Како оној што удри по гроб – и го разбуди живиот. Стапот има два краја. Твојот е безмилосен. Без прошка. Без заборав. Ова нема да помине. Ова ќе ти се врати. Не како текст – туку како живот. И нема крај додека ние не кажеме дека е завршено. Клетвата си ја заработи. Осветата ќе си ја добиеш. Секој што ќе го носи моето име – ќе знае што направи ти. А и ти ќе знаеш: го направи на погрешни луѓе, пишува во својата објава Костадинов.

На ваквите пишувања остро реагираа од Македонската асоцијација на новинари (МАН), од каде велат дека режимот на СДСМ се уште повикува на линч и убиства на новинари како во времето на Заев.

Режимот на СДСМ сеуште повикува на убиства на линч и убиства на новинари како во времето на Заев – Јавното обвинителство да превземе мерки кон функционерот Костадин Костадинов

Македонската асоцијација на новинари (МАН) го повикува јавното обвинителство веднаш и недоложно по службена должност да преземе мерки за јавни закани по животот на новинарот Драган Павловиќ Латас од функционер – градоначалник на Струмица Костадин Костадинов, по најмалку 6 членови од Кривичниот законик.

Функционерот на СДСМ – градоначалник Костадин Костадинов, преку комјутерски, информатички систем (социјалната мрежа Фејсбук) јавно објави експлицитни закани по животот на новинарот Драган Павловиќ Латас, на ден 29.06.2025 година (принт скрин во прилог).

Од експлицитните закани од градоначалникот Костадин Костадинов кон новинарот Драган Павловиќ Латас издвојуваме:

– Кога ќе шеташ по улица, ќе гледаш преку рамо – ќе ти дојде наплатата !!

– Цела фамилија те чека за суд што ние го држиме !!

– Правдата се зема !!

– Осветата ќе си ја добиеш!!

Освен овие експлицитни закани од Костадин Костадинов, неговиот статус е преполн и со имлицитни закани за животот на новинарот Драган Павловиќ Латас.

Јавното обвинителство е должно по службена должност веднаш и неодложно да преземе мерки против градоначалникот Костадин Костадинов кој во свое име и во име на целата негова фамилија изврши закани по повеќе основи од Кривичниот законик:

-Согласно член 122, став 9 од Кривичнот законик, новинар е службено лице.

-Согласно член 143 од КЗ, Костадинов како градоначалник врши малтретирање во вршење на службата

-Согласно член 144 – Загрозување на сигурноста, Костадинов врши серизони закани дека ќе нападне по став 1, став 3, став 4, а во врска со член 123 од Кривичниот законик за кривични дела против животот и телото.

-Истовремено, согласно член 382 од Кривичниот законик, Костадинов спречува службено лице во вршење на службено дејствие (член 1, 2 и 4)

-Согласно член 392 – самовластие, Костадинов се заканува во свое име и во името на неговата фамилија (став 1, 2 и 3).

Дополнително на ова, неговиот статус со експлицитни закани по животот и безбедноста на новинарот Драган Павловиќ Латас, поттикнува закани по животот и насилство и од други лица, што е видливо и од коментарите на неговиот пост. (принтскрин во прилог)

Затоа, бараме неодложно и веднаш, јавното обвинителство по службена должност и по ова наше јавно известување да преземе дејствија кон градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов.

СДСМ да се извини и да се огради – партијата има долг историјат на насилство против новинари

Во изминатите 7-8 години, Македонија забележа невиден пад во индексот на слободата на медиумите до ниво на хибриден режим и во 2024 година, а минатата година, како последна од власта на СДСМ, забележа пад од 6 места во однос на 2023 година. Излезе од хибриден режим во 2025 година.

Македонската асоцијација на новинари (МАН) е сериозно загрижена по заканите од градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов, член и функционер на политичката партија СДСМ, чии јавни настапи се преполни со закани и агресија кон секого и статуси на социјалните мрежи кои не се насочени само кон новинарот Драган Павловиќ Латас, туку и кон домашни политички актери, но и мешање во внатрешни работи на странски меѓународно признати држави.

Да потсетиме, СДСМ како режимска партија, има долг историјат на насилство против новинари, закани, притисоци, прогони, омаловажувања, навреди, клевети и лаги од нивните функционери, како што го правеше менторот на Костадин Костадинов, поранешен премиер и претседател на СДСМ – Зоран Заев.

Две телевизии, три весници беа затворени за време на режимот на СДСМ и ДУИ од 2017 до 2024 година. Над 64 новинари и медиумски работници беа кривично прогонувани во истиот мандат, најмалку тројца завршија со кривични пресуди. Со забрани за извршување на новинарската работа во институциите на државата се соочија најмалку 10 медиуми за време на режимот на СДСМ. Седум главни уредници со наредби од врвот на власта беа сменети во режимот на СДСМ. Физички повредени беа најмалку 10 медиумски работници од членови и симпатизери на СДСМ и ДУИ. Можеме да набројуваме во недоглед колку инквизиторски постапки против новинари и медиуми презема политичката партија СДСМ.

Овие последни закани од градоначалникот Костадинов, се серизно кршење не само на новинарските права, слободи, туку и на основните човекови права на живот, безбедност, движење.

Освен што бараме недоложна и итна постапка од јавното обвинителство, бараме и од политичката партија СДСМ да си преземе мерки против своите членови кои се закануваат по безбедноста и животот на новинарите, во конкретниов случај против Костадин Костадинов.

Бараме од раководството на СДСМ да се огради од заканите на градоначалникот на Струмица и член на партијата и јавно да се извини не само за овие закани, туку за инквизицијата и фашизмот кои ги спроведуваа кон новинарите и медиумите во изминатите 8 години. Доколку не се извинат, ќе сметаме дека тие се соучесници во истите и ја продолжуваат традицијата на недемократски практики и методи на закани и замолчувања.

За овие закани од градоначалникот Костадинов од СДСМ, МАН веќе испрати известување со Светската и Европската федерација на новинари.

Нашиот правен тим веќе ги презема сите правни мерки за санцкионирање на градоначалникот на Стрмица и член на СДСМ Костадин Костадинов.

Костадинов одбра закани по живот наместо институционална разврска

Во демократско општество, јавните функционери имаат обврска да негуваат културен и одговорен однос со медиумите, да ја почитуваат нивната работа и да се воздржат од закани, квалификации, дискредитации и навреди.

Ваквите закани, создаваат непријателска атмосфера за работа на новинарите и се притисок врз слободата на изразување и медиумската независност.

Особено е загрижувачки кога ваква комуникација доаѓа од јавни функционери, односно партиски експоненти, бидејќи освен што го девалвираат угледот на институцијата што ја претставуваат, ваквите изјави поттикниваат зголемена омраза во јавниот дискурс и можат да доведат до дела мотивирани од омраза.

МАН ги повикува сите носители на јавни функции, вклучително и г. Костадинов, да ја почитуваат слободата на медиумите и достоинството на новинарската професија, и да ги користат институционалните механизми доколку имаат забелешки на медиумски содржини, наместо да се впуштаат во закани по живот, навредливи и омаловажувачки коментари на социјалните мрежи.

За потсетување: https://www.facebook.com/Press24Fun/videos/1969770916513294/