Добро е што Министерството за внатрешни работи кога ги објавува огласите наведува кои се основни услови кои треба да ги исполнат оние кои аплицираат за да ги добијат. Добро е што притоа не наведува од која политичка партија треба да бидат, изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски одговарајќи на новинарско прашање за коментар по вчерашните обвинувања од СДСМ за наместен тендер за испитниот центар во Битола.

Министерот додаде дека денеска тој има прашање на СДСМ.

-Дали е точно дека за полигонот врз основа на кој едната фирма ги исполнила условите, а другата фирма не ги исполнила условите и учествувале во рамки на овој јавен оглас, е на една позната фамилија која во минатото беше претставник на СДСМ во рамки на локалната и централната власт. Ако им е толку многу важно кој од која политичка партија е. Дали токму фамилијата од СДСМ, моќна од реонот Преспа, е онаа фамилија која одлучила кој ќе го добие тендерот? Согласно тендерот кој е објавен, и согласно правилникот, во одредени територии мора да има одредени испитни центри, полигони, каде ќе треба секој еден кој сака да полага за возачка дозвола, да може во рамки на територијата да ги врши полагањата и обуките. Дали е точно дека фамилијата која е значајна за СДСМ е сопственик на полигонот кој бил клучен за компанијата која го добила огласот?, праша министерот за внатрешни работи.