Изминатата година во изградбата на патната инфраструктура се направи повеќе отколку во последните девет години, вели вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Во гостување на ТВ Сител, Николоски вечерва посочи дека суштинскиот проблем за доцнењето со изградбата на експресната делница Фариш – Дреново што беше пуштена денеска, е затоа што немало посветеност.
-Сега имаме исклучително безбеден пат и се крати патувањето до Прилеп за половина час, рече Николоски нагласувајќи дека ова била втората најтешка делница за работа, после автопатот Кичево-Охрид.
Тој најави дека до крајот на 2027 година ќе биде изграден автопатот Прилеп-Битола со што, како што рече, времето за патување од Скопје до Битола ќе изнесува час и половина до час и 40 минути.
Потврди дека првите 40 километри од автопатот Кичево-Охрид, на потегот Врбјани-Охрид, ќе бидат пуштени во употреба на 12. следнот месец.