Во земјите од регионот денеска е најавено многу топло време.
Во Република Српска и делови од Хрватска во сила е црвен метео-аларм, додека во Федерацијата БиХ е портокалов аларм, со температури кои ќе достигнат и до 40 степени Целзиусови.
Српскиот републички хидрометеоролошки завод (РХМЗ) денеска соопшти дека во првата декада од јули на подрачјето на Србија се очекува интензивирање на топлотниот бран со максимални температури во повеќето места од 34 до 38 степени Целзиусови. Утре и в недела, како и на почетокот на наредната седмица, температурите локално ќе бидат и околу 40 степени Целзиусови. Црвен метео-аларм, кој означува многу опасно време, е во сила на подрачјето на Поморавље, источна и југоисточна Србија. Во останатиот дел од земјата е во сила портокалов метео-аларм, кој означува опасно време.
По овој топлотен бран, во некои места во регионот се очекува постепено развивање на облачност, со краткотрајни локлани врнежи за време на викендот и незначителен пад на температурите.
Експертите советуваат ако не мора да не се излегува од дома, особено не во најтоплиот дел од денот, од 10 до 17 часот. За оние кои планираат патување, најдобро е тоа да го сторат во раните утрински или вечерни часови. Исто така, на сите им се препорачува зголемена хидратација исклучиво со вода.
Фото: ДПА