Очигледен е очајот на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, штом повторно се потпираат на лажни анкети, фабрикувани во нивната партиска лабораторија. Мицкоски, по примерот на неговиот ментор Никола Груевски, троши 400.000 евра народни пари за платени анкети и измислени рејтинзи, надевајќи се дека со лажна слика ќе ја прикрие реалноста.

Ова се истакнува во денешната реакција од СДСМ за најновата анкета во која ВМРО-ДПМНЕ води со 4:1 а рејтингот на Христијан Мицкоски е колку на сите лидери заедно. Во продолжение целото соопштение:

Наместо силна реакција за справување со пожарите, наместо вистинска грижа за настраданите од несреќата во Кочани, наместо борба со криминалот во Чаир, ВМРО-ДПМНЕ во својот очај сервира политички спин и пропаганда.

Анкетата на „Маркет вижн“ е дел од кампањата со која Мицкоски се обидува да ја прикрие неспособноста и отсуството на било каква визија. Имено, Маркет вижн во март 2025 година склучила договор со Владата на рекордна сума од 400.000 евра за да прави анкети и го мери мислењето и задоволството на граѓаните од работата на Владата. Зар некој треба да верува во овие анкети кои служат единствено за да се манипулира јавноста и се во функција на пропагандата на ДПМНЕ.

Замислете, оваа е таа агенција која склучи договор со Владата по само три дена од несреќата во Кочани каде што починаа 63 млади животи, а над 200 беа повредени. Ова е доказ за нивниот морбиден политички карактер, кој дури и трагедиите ги користи како можност за бизнис и пропаганда, срамно.

Колку и да се трудат да создадат лажна слика за поддршка, вистината е очигледна: граѓаните секојдневно гледаат хаос, неработење, скандали, неспособност, расипништво, криминал и корупција во врвот на Владата. Додека народот се справува со пожари, инфлација, ниски плати, нефункционални институции и секојдневни убиства по улиците, Мицкоски се занимава со нарачани анкети и политичка самореклама.

СДСМ останува на страната на граѓаните. Ќе продолжиме да се бориме против манипулациите и лажните наративи и ќе ги разобличуваме сите обиди за дефокусирање од реалните проблеми.

Граѓаните заслужуваат одговорна власт, вистина, а не евтини трикови и прескапи анкети. Вистинските анкети ќе се видат на локалните избори, кога незадоволството на народот ќе се претвори во јасна порака против оваа неспособна и расипничка власт.

Центар за комуникации со јавноста на СДСМ