Европската унија забрзано бара нови извори на финансирање за покривање на очекуваниот буџетски дефицит на Украина од 19 милијарди долари за следната година, објави Фајненшл тајмс (ФТ), повикувајќи се на извори во Европската комисија.
Во рамките на Европската унија се разгледуваат различни идеи за тоа како да се постигне оваа цел. Можна е директна воена помош преку вонбуџетски грантови, однапред одобрување на заеми во рамките на веќе постоечката програма на Г7 од 50 милијарди долари и поголема употреба на замрзнатите руски државни средства.
Украина веќе доби големи пакети за поддршка, но продолжувањето на војната и неизвесните економски перспективи создадоа нов финансиски јаз кој, засега, не е покриен дури ни со странска помош.
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во своите проекции наведува дека Украина ќе успее да обезбеди доволно средства следната година, но овие прогнози се базираат на претпоставката дека војната ќе заврши до крајот на 2025 година или средината на 2026 година – што Брисел и Киев го сметаат за сè помалку реално.
Постои растечка загриженост за следната година и многу засегнати страни кои сметаа на договор за прекин на огнот оваа година мора повторно да ги пресметаат своите трошоци и да сфатат дека постои финансиски дефицит, изјави висок функционер на Европската Унија вклучен во разговорите со Киев, зборувајќи под услов да остане анонимен.
Самит за помош на Украина ќе се одржи подоцна оваа недела во Рим, на кој ќе присуствува претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. На состанокот би можеле да се донесат конкретни одлуки за понатамошно финансирање на земјата погодена од војната.