Ако Бугарија тврди дека проблемот, на отпочнувањето на преговорите со ЕУ, се само Бугарите во Уставот, предлагаме да поднесеме заедничка Резолуција во ЕП со која што ќе се потврди самобитноста на македонскиот идентитет и јазик.

Ова го истакна Антонио Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес-конференција од која објавуваме интегрален текст:

Претседателот на Владата, Мицкоски, ја даде оваа отворена понуда до бугарскиот претседател Румен Радев и до нивната влада.

Доколку пречка за македонските евроинтеграции е само внесувањето на Бугарите во Уставот, тогаш не би требало да биде никаков проблем заедно со соседна Бугарија, да поднесеме резолуција која ќе ја гарантира македонската идентитетска и јазична посебност, а истовремено ќе ја зголеми и довербата помеѓу Македонија и Бугарија.

Уште веднаш, можеме да поднесеме заедничка резолуција, да ја зацврстиме меѓусебната соработка на овој план и да го решиме проблемот за отпочнувањето на европските интеграции. Понудата која што е дадена од премиерот Мицкоски, е отворена.

Сепак, имаме доза на скептицизам дали ова барање ќе биде прифатено од официјална Софија, бидејќи тоа што го гледаме од страна на источниот сосед, посебно некои нивни владини претставници изгледа како да имаат одредени задни намери. Отворањето на Уставот, изгледа дека за многу владини претставници во Софија, е само почеток на многу други барања и многу други изговори за идни блокади.

Реалноста е дека добар дел од официјалните претставници на Бугарија, работат на негација на македонскиот идентитет и јазик, нешто слично како што Русија ја негира самобитноста на украинскиот јазик и посебноста на украинскиот народ.

Бугарија, за жал, сака да спроведе еден историски инжинеринг, каков што не е спроведен никаде во современиот демократски свет. За жал, помош за ваквиот обид на официјална Софија добиваат и од некои претставници на СДСМ.

Конкретно, претседателот на СДСМ е спремен сервилно да изгласа се што Бугарија ќе стави на маса, а тоа го потврди и самиот Венко Филипче во неколку негови настани.

Народот јасно може да види кој за што се залага, и може да препознае дека СДСМ се демаскирани и дека секој знае дека од страна на нивното раководство постои една спремност да се прифатат било какви дополнителни понижувања и потчинувања на Македонија.

За разлика од тоа, целта на ВМРО-ДПМНЕ, е да ги заштити националните интереси, достоинството на државата, да имаме конструктивен дијалог со секој сосед, па и со Бугарија, базиран на аргументи, но без виткање на рбетот на самата држава.“