Помошник-директор на српската Канцеларија за Косово и Метохија, Игор Поповиќ синоќа бил приведен од страна на косовската полиција.
„Поповиќ присуствувал на одбележувањето на страдањето на Србите во регионот Ораховац „од рацете на криминалната ОВК (Ослободителна војска на Косово – ОВК)“, соопшти Канцеларијата за Косово и Метохија.
Во тоа српско тело, Поповиќ е задолжен за правни прашања.
Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, веднаш го информираше Брисел за апсењето на неговиот соработник, се наведува во соопштението, и побарал негово итно ослободување.
„Поповиќ беше приведен поради неговата изјава по поменот, само затоа што ги нарече со нивното вистинско име оние што убија 47 Срби и Роми и киднапираа повеќе од сто невини луѓе во текот на јули 1998 година. Во исто време, пироманот Курти сака да предизвика нова криза на терен и да им испрати порака на Србите дека за нив нема ниту мир ниту правда“, се додава во соопштението.
МВР на Косово претходно потврди за локални медиуми дека Поповиќ бил приведен на преминот Брњак, откако, како што објавија приштинските медиуми, „одржал остар говор против ОВК“ во Ораховац, нарекувајќи ја терористичка организација и споредувајќи ги нејзините постапки со она што се случува во Газа.