Кратко траеше периодот вчера кога сите пожари на отворен простор во Македонија беа изгаснати и немаше ниту еден активен. Во текот на вчерашниот ден заклучно со 21 часот синоќа се евидентирани вкупно 20 нови пожари на отворен простор, од кои активни се четири, под контрола се два, а 14 се изгаснати, соопшти доцна синоќа Центарот за управување со шуми.
Активни се пожарите во Општина Чашка: над Богомила каде гори мешана шума, во Општина Липково помеѓу с. Ваксинце – с. Слупчане каде е опожарена нискостеблеста шума, во Општина Студеничани во с. Дречевица каде има шумски пожар во планинскиот дел и во Општина Македонски Брод во с. Грешница каде гори деградирана нискостеблеста шума.
Под контрола се пожарите во Општина Долнени с. Стровија – место викано Гајдарец-Клепало каде е зафатена нискостеблеста шума, и во Општина Желино над село Церово каде гори мешана шума. За гасење на пожарот над Церово попладнево покрај ангажирањето на пожарникари, беа вклучени и два Ер трактори.
Изгаснати се 14 пожари меѓу кои и пожарот на планина Готен кон Малешевските планини во Општина Берово, каде повеќе денови гореше бор, бука, нискостеблеста шума, смрека и грмушки, а во чие гаснење учествуваа и словенечки пожарникари и хеликоптер Блек Хок од Чешка.
Заменик директорот на ЈП „Македонски шуми“, попладнево на неговиот фејсбук профил објави дека откако ја стабилизирале целосно состојбата и со добра координација на Главниот Штаб за управување со кризи на Македонија до пладне го решиле и последниот активен пожар кај Долнени, во текот на попладневните часови веќе добиле пријава за неколку нови пожари.
-Дефинитивно во Македонија има многу граѓани кои не и мислат добро, друго објаснување за ова кое се случува јас немам! Пожаров кој го гледате е над село Ваксинце, општина Липково и избил пред 30 – тина минути, а истиот ветерот многу бргу го шири накај Стража! Таму се две екипи на ЈП “Македонски Шуми” Куманово и ТППЕ Куманово!, вели Михаилов во објавата на фејсбук.
Попладне бил пријавен нов пожар во близина на село Богомила, општина Велес каде веднаш од страна на Главниот Штаб за управување со кризи бил упатени сили на ЈП “Македонски Шуми” , екипи на МВР и месно население, а таму на помош бил пратен и делуваше од воздух еден хеликоптер.
-Во 14 часот, во исто време се појавија два пожари, едниот во близина на село Милетино во општина Брвеница кој по брзата интервенција од копно беше локализиран и пожарот во општина Желино, во близина на село Церово на кој во моментов во координација со Главниот Штаб за управување со кризи делуваат копнени сили составени од ТППЕ и ЈП “Македонски Шуми” и двата ЕР Трактори на ДЗС! Исто така, нашите копнени сили кои сеуште се наоѓаат високо на пожарот во Долнени над селото Стровија попладнево ни пријавија појава на дури четири нови чадења или нови пожари кои во моментов службите ги проверуваат и пристапуваат на гасење на истите, објави на фејсбук заменик директорот на ЈП „Македонски шуми“ Михаилов.