Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, синоќа нагласи дека одлуката на израелските власти да продолжат со планот за изградба на населби во областа Е1 дополнително ќе го поткопа решението со две држави и ќе претставува кршење на меѓународното право, се вели во соопштението на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАЦ).

-Доколку се спроведе, планот за населување во оваа област трајно ќе ја прекине географската и територијалната врска помеѓу окупираниот Источен Ерусалим и Западниот Брег, како и помеѓу северните и јужните делови на Западниот Брег, нагласи Калас.

Таа го повтори својот апел до Израел веднаш да ја запре изградбата на населби, нагласувајќи дека политиките за населување, вклучувајќи уривање, присилно раселување, присилни иселувања и запленувања на домови, мора да бидат запрени.

-Заедно со континуираното насилство од страна на доселениците и воените операции, овие еднострани одлуки ја поттикнуваат веќе напнатата ситуација на терен и дополнително ја поткопуваат секоја можност за мир, рече таа.

Калас го повика Израел да се откаже од овој потег, предупредувајќи на неговите далекусежни последици и нагласувајќи ја потребата да се преземат чекори за зачувување на одржливоста на решението со две држави.

Плановите за одобрување на тендер за изградба на над 3.400 станбени единици во контроверзниот проект за населба Е1 помеѓу Ерусалим и Маале Адумим на Западниот Брег, објавен вчера од израелскиот министер за финансии Безалел Смотрич, предизвикаа широка осуда, објави „Тајмс оф Израел“.

Министерот за финансии од крајната десница објави планови за одобрување на тендер за изградба на над 3.400 станбени единици во контроверзниот проект за населба Е1 помеѓу Ерусалим и Маале Адумим на Западниот Брег. Тој исто така рече дека планот ќе ја „закопа идејата за палестинска држава“.

Смотрич во изјава рече дека одобрувањето на планот за изградба е продолжение на чекорите што Израел ги презема на терен како дел од де факто планот за суверенитет што почна да се спроведува со воспоставувањето на израелската влада.

Проектот е замрзнат со децении поради жестокото противење од меѓународната заедница, која се плаши дека новата населба ќе блокира одржливо решение за создавање палестинска држава.

Потенцијалната изградба на населбата во таканаречената област Е1 би го поделила Западниот Брег на северен и јужен регион и би го спречила развојот на палестинска метропола што ќе го поврзува Источен Ерусалим со Витлеем и Рамала, за која Палестинците долго време се надеваа дека ќе биде основа на нивната идна држава.

Сепак, како што изјави органот за надзор на населбите „Мир сега“ (Peace Now), одобрените планови не се однесуваат на оригиналната област Е1, туку на посебна населба во градот Маале Адумим.

-3.300-те станбени единици во Маале Адумим претставуваат зголемување од 33 проценти на вкупниот број единици во населбата, масовно проширување за населба чие население стагнирало на околу 38.000 во текот на изминатата деценија и страдало од раселување, соопшти организацијата.

„Мир сега“ додаде дека тендерите се за голема населба што ќе ја поврзе изградената област Маале Адумим со индустриска зона на исток. Плановите за изградба на населба што би го поделила Западниот Брег предизвикаа широка осуда од земји како Катар, Египет и Норвешка, кои се спротивставуваат на плановите, нарекувајќи ги кршење на меѓународното право.