Суспендираниот јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, за МИА отворено зборува за причините за неговата суспензија, за притисоците и за обидите, како што тврди, да се дискредитира неговата работа преку хајка што трае со месеци, а со цел да се поништи неговата одлука во предметот поврзан со бонусите исплатени во поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), кои како што беше пласирано во јавноста беа во висина од 4,6 милиони евра.
Цветановски во интервјуто за МИА, посочува на судир на интереси во Комисијата која одлучувала за неговата суспензија, и открива дека поднел кривични пријави против републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски и обвинителката Лиле Стефанова, но досега, како што вели, нема институционален одговор.
– Само како пример, за мојата хајка овие неколку месеци, е тоа што е извршен наводен фингиран надзор од страна на Комисија, која што е составена од Коцевски. Во Комисијата се тројца обвинители. Едниот обвинител е Лиле Стефанова, која директно е засегната за нејзината иднина, бидејќи таа е појавена и во СЈО предметот, но, и во „Поштенски банки“ на кои работела како јавен обвинител… Но, има уште една ситуација. Тие сакаат фактички, мојата работа да ја прогласат за незаконита за решението кое што го имам донесено за СЈО да биде незаконито и фактички, да се спасат за предметот за СЈО. Тоа е главната цел, изјави Цветановски.
Во интервјуто, тој детално ја објаснува хронологијата на случајот, неговите постапки, заканата од Коцевски преку неговиот шеф Хајрулахи и нагласува дека стои зад неговата одлука за укинување на решението на ОЈО ГОКК за затворање на предметот.
Дополнително, тој ја потенцира потребата од реформи во обвинителството, кое го опишува како „девастирано“ и под влијание на политички и бизнис структури, нагласувајќи дека оставката на Коцевски „многу ќе помогне на целата состојба во Обвинителството, за колегите и Обвинителството конечно се ослободат од стегите“.
-Јас само ќе кажам дека тоа за што се борев цело време е во обвинителството да немаме предмети кои некој ги нарекува „рекет обвиненија“, бидејќи тоа се предмети во кои обвинителството е маша на одредени политички или бизнис авторитети. Сега ќе формираме предмет, тој не ми се допаѓа мене, и ние влегуваме во систем и ние него ќе го гониме. Но делото не одговара, ама сепак ќе постапуваме. Таквите предмети се гледаат со голо око, седум-осум години траат тие судења, изјави Цветановски.
За состојбата во Вишото јавно обвинителство Скопје, поднесените кривични пријави против негови колеги, одлуката за враќање на повторно одлучување на случајот со бонусите на СЈО, заканите, работата на Комисијата за дисциплински постапки, но и за состојбата во Обвинителството и како најбрзо и најдобро да се надмине, зборуваме со Цветановски во интервјуто што следува во целост.
Во МИА Интервју разговараме со јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје – Јован Цветановски. За почеток, која е вашата позиција во обвинителството моментално?
– За да ја кажам моменталната позиција, а за да има претстава јавноста, ќе наведам дека мојата кариера започнува од 1999 како волонтер, па вработен во скопското обвинителството како стручен соработник, се до прв Генерален секретар на Совет на обвинители. Прв, бидејќи тогаш се формираше, па во Јавното обвинителство Скопје и после во Вишото. Моментално сум суспендиран со одлука на Љупчо Коцевски и таа суспензија, иако јас ја обжалив пред Совет на ЈО, Советот ми ја одби жалбата, без многу да навлегува во суштината на моите жалбени наводи. Затоа сум сега веќе од февруари под суспензија и на работа не смеам да се јавам во никакво својство.
Официјално тоа што беше соопштено е дека Комисијата за дисциплински постапки при ЈОРСМ утврдила тешки повреди – нестручно и несовесно работење во четири предмети за кои сте се откажале од жалби или наводни обвиненија … Но, во јавноста во истиот период декември 2024-јануари 2025 се најдовте во триаголникот Коцевски – Хајрулахи – Бонусите на СЈО, со тоа што Вие сте јавниот обвинител што го враќа на повторно одлучување овој предмет откако ОЈО ГОКК донесе решение за затворање.
– Да. Точно е тоа дека од ноември почнуваат генерално проблемите, а коренот на тој проблем е предметот за бонусите поделени во поранешното Специјално јавно обвинителство. Зошто? Бидејќи јас во мојата одлука, којашто никој не ја знаеше до моментот додека не ја пуштив до Организиран криминал е дека решението беше укинато. Коцевски тука ја злоупотреби можноста да директно пристапи во јавноста и моќта што ја има како републички обвинител, бидејќи, официјално излезе со став дека јас не сум смеел да постапувам по жалбата, којашто е поднесена од ВМРО-ДПМНЕ и тој го цитира само еден дел од моето решение, каде што јас наведувам дека е ирелевантно кој е жалител, туку јас по службена должност го укинувам тоа решение. Зошто? Бидејќи, решението е незаконито. Сега, во фаза кога ќе утврди Виш обвинител, што му е негова надлежност, по повод жалба, доколку утврди дека решението на првостепеното обвинителство е незаконито мора да го укине. Процесно, само во жалбена постапка може да се исправи. Друг процесен начин не е возможен.
Во решението таму е многу јасно наведено кои се причините за одлуката. Првично во првостепеното решение, не се анализирани сите докази, коишто ги прибавиле од страна на Обвинителството за организиран криминал, но е многу чудно што воопшто не е земен предвид Ревизорскиот извештај, каде што е констатирано дека додатокот на тајност, којшто е додаток на додаток е даден незаконито. Значи, нема законска основа што тоа го покрива. Износот на тој додаток е поголем од месечната плата, ако пример има 80 илјади плата, додатокот бил 90 илјади, за да последните месеци биде 125 илјади. Замислете додаток на плата да биде повисок од платата. Но, има таму уште една многу суштинска работа, така што, основа за отфрлање на кривичните пријави коишто ги формирале и по допрен глас формирале во ОЈО ГОКК е дека имале финансиско вештачење, но во тоа финансиско вештачење, како што они наведуваат дека вештакот констатирал дека е законито постапувањето на СЈО во однос на бонусите, таму не е така наведено, туку се оградува вештото лице баш во тој дел, за другото да, но за тој дел се оградува и тоа наведува дека е правна работа.
Пред да дојде до Вас, во Вишото ЈО, ова е предмет што е отворен некаде ноември 2019 година и се работи од ОЈО ГОКК. Кога стигнува кај Вас?
– Тој доаѓа во септември 2024 година. Зошто, ќе го потенцирам септември, е бидејќи тогаш и се случува заканата на Коцевски, преку Хајрулахи (шефот на Вишото ЈО Скопје) до мене. Мене не ми се случила таква закана за овие 26 години. Ми беше фрапантна на кој начин, Коцевски, мислејќи дека можеби преку шефот на тој обвинител ќе се реагира на таков начин, на којшто мислел дека ќе се дојде до некоја одлука, што тој ќе ја навел. Но, тој превидел некоја работа, бидејќи прво, врз мене заканите не влијаат никако. Јас бев фрапиран на кој начин тоа го направил Коцевски. Дента кога бил викнат на состанок од страна на Коцевски, Хајрулахи прво пет-шест месеци претходно немал никаква соработка со него и бил викнат наеднаш, без да наведе причина. Веднаш по тој состанок ме повика Хајрулахи за да ми пренесе што се случило. Прво беше многу возбуден, јас не сум го видел така возбуден, а второ и мене ме вознемири. Но, не ме заплаши бидејќи јас стојам зад одлуките, законот стои, јас не се кријам зад ништо.
Зошто, баш тој момент е избран не е случаен, бидејќи жалбата е поднесена и кај мене беше доделена веќе две недели. Сите мислеа дека ќе ја отфрлам веднаш, односно ќе го потврдам решението, но јас го побарав предметот, бидејќи предметот беше доставен само во еден дел со пет листа и во решението имаше цитирано делови каде што утврдив дека тој предмет има уште материјал дополнително во Организиран криминал и тоа го побарав. После тоа донесоа куп докази, од коишто требаше да се утврди фактичка состојба. Тоа мене ме фрапираше, бидејќи се криеше.
И уште едно прашање, додека сме кај ова. Значи моментално предметот е вратен со ваши напатствија што треба да постапи ОЈО ГОКК. Колку можете од тоа да ни кажете, што сега би требало да биде направено по предметот?
– Јасни и конкретни напатствија има. Од ОЈО ГОКК сега треба, првично да се сослушаат ревизорите. Прво, да се земе предвид ревизорскиот извештај, кој е основа и за сите други предмети. Знаете, ревизија кога се прави во државните институции, констатира одредени аномалии и врз основа на тие аномалии се отворени кривични постапки и имаме пресуди. Тој е јавно објавен, и таму е наведено дека има нерегуларности. Треба да се сослушаат во тој дел, да биде јасно.
Второ, треба да се направи дополнително вештачење и да се сослушаат обвинетите. Целата ситуација таму е, начинот на кој си доделувале бонуси и ги покривале формално само со договори на дело, што не е законски. Во решението е јасно прецизирано, што треба да се направи. До каде е постапката, не би можел да знам. Се надевам дека нема да го злоупотребат и искористат моментов, на ваквата организација во Обвинителството, за повторно тајно да донесат решение.
Како заменик на суспендираниот Виш јавен обвинител Хајрулахи во јануари 2025 правите распоред за работа на Вишото јавно обвинителство Скопје, но се случува дисциплинската постапка. Во меѓувреме Советот на ЈО, по предлог на Коцевски ја именува Наташа Крстевска Цалева, но таа бараше да биде ослободена од обврската… па, прашањето е каква е сега состојбата во Вишото ЈО Скопје?
-Јавните обвинители на основно или вишо обвинителство, секогаш во декември носат годишен распоред за работа. Бидејќи Хајрулахи беше суспендиран во ноември и согласно Законот за ЈО, заменикот во негово отсуство ја врши должноста на Виш јавен обвинител, јас должноста ја вршев и во склоп на тие надлежности донесов годишен распоред. Годишниот распоред не се разликуваше нешто многу од претходно, имаше некои измени, но продолжи законски. Јас, го доставив кон крајот на декември, но, во Советот на ЈО беше примен веднаш после Нова година. Замислете, по тој распоред се регулирани и платите на јавните обвинители, таму има додатоци по коишто се исплаќа плата. Бидејќи, јас бев суспендиран законски требаше да продолжи заменикот што јас сум го определил со годишниот план за работа, но очигледно не им се допаѓал, па Коцевски знаеме од кои причини, реагираше на начин што после мојата суспензија веднаш до Советот на ЈО достави барање за именување на в.д. Законот за ЈО тоа не го дозволува, ниту го овозможува, бидејќи јавното обвинителство не е обезглавено. Се знае само во кои ситуации тоа се прави. Колешката беше именувана од Советот, но, таа побара одлуката да биде повлечена. До каде е таа фаза ниту дали е постапувано нешто, не знам. Сега, таква е состојбата, каква што е.
Со еден збор, комплицирана е состојбата во обвинителството. Според Вас, со оглед дека сте директно инволвирани во случувањата, како најбрзо и најдобро да се надмине ваквата состојба. Што можат сами, јавните обвинители и Обвинителството, а што мора Советот на јавни обвинители да направи?
– Не е толку комплексна оваа материја за иднината на Обвинителството. Не е комплексна, бидејќи треба конечно да се почитува Законот за ЈО, кој за нас е примарен. Само како пример, за мојата хајка овие неколку месеци, е тоа што е извршен наводен фингиран надзор од страна на Комисија, којашто е составена од Коцевски. Во Комисијата се тројца обвинители. Едниот обвинител е Лиле Стефанова, која директно е засегната за нејзината иднина, бидејќи таа е појавена и во СЈО предметот, но, и во „Поштенски банки“ на кои работела како јавен обвинител. Јас сега дознав, во последниот месец, дека од страна на еден од оштетените во „Поштенска банка“ е поднесена кривична пријава против Катица Јанева, Лиле Стефанова и Бурим Рустеми, бидејќи побарале половина милион евра за тој предмет во иднина да не се процесуира. За тој предмет е поднесена кривична пријава во ОЈО ГОКК и таму сигурно ќе се работи. „Модус операнди“, колку што јас знам, е ист како што беше и со Орце Камчев. Тоа е една од ситуациите и Стефанова во надзорот, фактички барала начин да се спаси, да го затскрие тој дел.
Но, има уште една ситуација. Тие сакаат фактички, мојата работа да ја прогласат за незаконита за решението коешто го имам донесено за СЈО да биде незаконито и фактички, да се спасат за предметот СЈО. Тоа е главната цел. И сега, реформите треба да се носат во таа насока. Еве, јас поднесов кривична пријава против Коцевски и Лиле Стефанова, бидејќи има судир на интерес, има злоупотреба од Коцевски и од нејзе лично, во однос на решавањето на тој надзор. Ништо не е направено досега. Во исто време, во декември имам и до ДКСК поднесено пријава за судир на интереси, бидејќи се исклучиво надлежни за таа работа. Таму се доставени докази, но не е решено ништо, од декември до сега. Сепак, јавните обвинители сме функционери, требало да биде решено тоа. Таквиот дисбаланс на решавање на наводите доведува до ваква ситуација.
За што, според Вас, ќе требаат реформи и законски измени?
Во Обвинителството треба да има радикални промени. Во една насока, сега ќе се донесе нов Закон за јавно обвинителство, има нешта што не се толку суштински и се во однос на водењето дисциплински постапки, за обвинителите да не се плашат да носат одлуки за да може кој било државен јавен обвинител повторно да го реши проблемот, како што го реши со мене. Но, таму имаме и дел што е комплексен во однос на финансирањето и располагањето со тие финансии од обвинителството. Ние, не се трудиме да ги внесеме сите тие финансии годишно, пример, ако имаме пари за вештачење, навремено неплаќање на вештачењето повлекува дека ние во декември ги губиме тие пари. Значи ние сме имале доволно пари, но сега ги немаме бидејќи не сме ги потрошиле.
Добро, веќе едниот дел го начнавте се парите, но ресурси се и луѓето. Обвинителство има проблем и со кадар.
-Имаме проблем со бројот на јавни обвинители, но и во однос на стручниот кадар. Сега се употребуваат Истражни центри, што за мене не го решава проблемот, бидејќи ние црпиме кадар од полиција, не им даваме доволно алатки како правосудна полиција за да може одредена работа да ја завршат како истражни центри. Тие се од нас раководени, но тоа не функционира како што е замислено. Затоа, тука треба да имаме длабоки реформи. ОЈО ГОКК, како институција е нефункционална. Пример, на Балканот, сега ќе ги споменам само Албанија и БиХ, Хрватска е веќе многу над тоа.
Ние, мораме во тој дел да се реформираме радикално, значи укинување на ваквиот начин на работа на Организиран криминал и формирање на Организиран криминал заедно со полициски структури, специјалци и оперативци кои се експерти во својата работа, како економисти, балистичари и т.н. Тоа е суштината на целата реформа. Вака, на овој начин, ова е методологија што е стара 20 години. Не можеме вака да функционираме, и проактивноста се губи.
Ова што го зборувате, ќе се навратам на кривичната пријава што сте ја поднеле, значи пак, на крајот на денот кога поднесувате кривична пријава, таа треба да ја сработат структури кои се дел од МВР, а дел од Обвинителство.
– Таа треба некој да ја сработи, нема кој таа да ја обработи. И таа кривична пријава многу лесно е да стагнира. Јас само ќе кажам дека тоа што се борев цело време е во обвинителството да немаме предмети за коишто е заинтересирана јавноста, кои некој ги нарекува „рекет обвиненија“, бидејќи тоа се предмети во коишто обвинителството е маша на одредени политички или бизнис авторитети. Сега ќе формираме предмет, тој не ми се допаѓа мене, и ние влегуваме во систем и ние него ќе го гониме. Но делото не одговара, ама сепак ќе постапуваме. Таквите предмети се гледаат со голо око, седум-осум години траат тие судења.
За крај, едно логично прашање, моментално имаме изгласана интерпелација на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Според Вас, колку ќе помогне евентуална негова оставка, за надминување на овие проблеми?
– Интерпелацијата беше заснована на неколку ситуации коишто беа дадени во Собранието. Првпат во државата се случи интерпелација на таква висока јавна функција и таа да биде изгласана. Етички и морално, следствено на тоа беше дека Коцевски требаше да си поднесе оставка, бидејќи Собранието е единствениот орган што го избира и разрешува и пред него одговара. Значи, не е битно дали тој ќе биде сменет со постапка којашто е различно формално започната. Интерпелацијата е за секој, којшто држи до своите етички стандарди. Јас лично сметам, бидејќи и од внатре ја знам состојбата каква е, едно девастирано обвинителство, дека многу ќе помогне на целата состојба во Обвинителството, колегите и Обвинителството конечно да се ослободат од стегите на Коцевски. Само година и половина е на функцијата, но за жал многу последици ќе има од неговото раководење со институцијата. Затоа сметав дека ќе има доблест, но видов што прави и со какви инструменти се користи против мене, и искрено не се надевав дека ќе има доблест.
Александар Атанасов за МИА