Maкедонија и Црна Гора се неприкосновени лидери во исполнувањето на реформските обврски кон ЕУ, покажа најновиот извештај на Брисел. Европската комисија ги објави резултатите од Механизмот за реформи и раст за Западен Балкан, со кои се мери напредокот на земјите-кандидати кон европските фондови преку спроведување на клучни реформи. Според извештајот, Македонија досега има целосно реализирано два од петте планирани чекори до крајот на 2024 година – што претставува 40% исполнетост.
И еврокомесарката Марта Кос и нејзината колешка Калас не’ нарекоа реформски шампиони од кандидатската листа. Во наше друштво е само Црна Гора која исполнила околу 50 насто од обврските, а далеку зад двете земји следува Босна и Херцеговина.
За овој учинок, Република Македонија прва доби приближно 8,5 милиони евра од вкупно достапните средства.
Во споредба со останатите земји од регионот, Македонија стои многу подобро од некои кандидати за членство во ЕУ.
Фрапантно е што Албанија и Србија, на пример, досега не спровеле ниту еден реформски чекор – со што бележат нула проценти напредок и не добиле ниту едно евро од предвидените средства.
Реформите опфаќаат широк спектар – од реструктуирање на железничкиот сектор и зголемување на бројот на трудови инспектори, до подготовка на ново законодавство за сајбер безбедност, електронски комуникации, јавна администрација и антикорупциски механизми. Дел од обврските вклучуваат и мерки како зголемување на интернет-покриеност во училиштата, подобра регулација на судските плати и професионализација на јавните набавки.