„Во вакви моменти треба да зборуваме директно и отворено, па сакам да потсетам на едно големо потфрлање кое како држава го имаме речиси три и половина децении постоење на независна македонска држава. А тоа е чувството на разочараност од системот. Тоа може да се забележи и во колективната слика за состојбата на една нација низ секојдневното опстојување, дури и на социјалните мрежи. Многу гнев, насобрана омраза, постојани навреди, клевети, кавги и лоши пораки.“, рече Христијан Мицкоски претседател на Владата денес во своето обраќање по повод 8-ми септември- Денот на независноста.

Премиерот Мицкоски вели дека причините за таква разочараност кај граѓаните се пред сè поради примерите кои ги даваа политичките елити сите овие години.

„Причините за таква разочараност кај граѓаните се пред сè поради примерите кои ги даваа политичките елити сите овие години. И во ова мое обраќање не сакам да зборувам за партиските пресметки, ниту пак целта ми е да гледам низ призмата на партиските битки, туку говорам за државничките позиции и анализи кои мора сите одговорни да ги имаат во своите политички патокази. Тоа незадоволство од системот е пред сè поради неправедното водење на политиките, на страшно мачната транзиција, на многу силен криминал кој ја разјаде секоја силна пора во ова наше општество, на неправдите кои ги гледаа, на фактот што многумина ја водеа државата и одлучуваа за судбините на другите, а беа истовремено дел од криминалниот канцер кој ја разјадуваше државата и се смееја на лицето на правдата.“, кажа тој и додаде:

„И затоа е впечатокот дека тие кои нечесно заработуваат, не одговараат и не лежат во затвор. Ова мора да се смени, а правдата да не прави разлика кој од каде е, кој од која политичка страна доаѓа и кој колку пари има, туку дали го прекршил законот или не, дали сторил криминал или не. И оние кои мислат или се прикажуваат за заштитени од одговорност треба да знаат-сега или малку подоцна правдата е неизбежна и ќе ги стигне. Нема да има милост за оние кои го крадат народот. Едноставно е. Сите ние мораме така да се однесуваме-неселективно, праведно спрема сите, и да создадеме пример на колективна, општествена одговорност за заедничката судбина.

Мицкоски порача дека државата мора да се движи напред, потенцирајќи дека сите ние мораме да придонесеме.

Залудна е мојата лична среќа ако мојот сосед е несреќен. Залудно е ако јас сум задоволен, а сите околу нас се соочуваат со проблеми. Од нас зависи, и сега многу повеќе од било кога порано … или ќе нè биде, сега и овде или немаме шанси повеќе. А јас ви велам-ќе нè биде! Мора да не биде. За таа цел го давам секој атом од енергијата. Не дојдов до овде за да се засрамам себеси, моето семејство, а потоа вас. Не дојдов овде за да направам богатство или име. Дојдов за да оставам трага за моите сограѓани заедно да создадеме иднина за моите, за нашите деца.“, нагласи премиерот Мицкоски.

„Од првиот ден од кога ја имам одговорноста да ја водам Владата, до ден денес не заборавам силно и отворено да го погледнам народот, да ги стиснам дланките на многумина коишто даваат многу за државата. Тие измачени дланки се она што сме ние. Тие не хранат, тие го носат товарот од кој сите ние заеднички мора да понесеме дел. И тука мора да се однесуваме несебично и да даваме. Нашата татковина има иднина, и сите ние мораме да придонесеме. Јасно да зборуваме за работите кои се закана за нашето општество.“, дециден е Мицкоски.