Во гостиварската општа болница вчера околу 17,30 часот бил донесен Ќ.А.(64) од Гостивар кој, како што е пријавено, чистејќи го оџакот на својата куќа, се лизнал и паднал од покривот. Ќ.А. се здобил со тешки телесни повреди и по укажаната лекарска помош е префрлен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
МВР денеска соопшти дека е извршен увид на местото на настанот.
Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за недозволена трговија – Одделение за недозволена трговија со дрога, до надлежното Основно јавно обвинителство – Скопје поднесе кривична пријава против Х.Т.(19) од Скопје поради основано сомнение дека сторил кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“, предвидено и казниво по член 215 од КЗ. При претрес во домот на пријавениот, пронајдена е марихуана.
На 02.01.2019 година при сообраќајно – контролни активности на подрачјето на Тетово, откриени се над дваесетина различни видови сообраќајни прекршоци, при што се издадени 11 прекршочни и 10 мандатни платни налози. Пет прекршоци се за управување без положен возачки испит, четворица биле возачи – почетници и други видови на прекршоци.
На 02.01.2019 година околу 17,20 часот во Скопје на улица „1506“ , Љ.П. (54) омаловажувал и агресивно се однесувал кон полициски службеник при преземање на службени дејствија. По документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На 02.01.2019 година во 07,45 часот Ш.Д.(43) од Скопје, пријавила дека во периодот од 15,00 часот на 31.12.2018 година до 07,30 часот на 02.01.2019 година во Скопје во објект на правно лице на булевар „3-та Македонска бригада“, непознат сторител извршил тешка кражба и одзел две метални каси во кои имало околу 3.000 денари и документација, и метален сеф во кој имало околу 30.000 денари и документација од фирмата. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 03.01.2019 година во 01,00 часот на Граничен премин Меѓународен аеродром – Скопје, полициски службеници, при преземање на службени дејствија, биле омаловажувани од P.K.(36) со француска патна исправа и П.М.(46) од Скопје, при што упатувале и закани кон полициските службеници. По документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
На 02.01.2019 година во 20,15 часот М.Ц.(41) од Скопје пријавил дека неговата сопруга Б.Ц., околу 15,00 часот го напуштила домот и не се вратила. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
На 01.01.2019 година во 04,30 часот во СВР-Скопје од Бригадата за противпожарна заштита пријавиле дека во депо на „Градски паркинг“ биле опожарени две хаварисани возила марка “Застава 101“ кои не биле во возна состојба. Извршен е увид.
Секторот за внатрешни работи Велес поднесе кривична пријава против А.Д.(35) од Велес за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори”, против А.М.(35) од Велес за сторени кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори” и „овозможување на употреба на наркотични дроги”, и против Д.Р.(30) и Б.З.(29), двајцата од Велес за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори”. На 07.12.2018 година во Велес на улица „Стефан Богоев”, од страна на полициски службеници, при претрес кај пријавените биле пронајдени хероин, како и мешавина од кофеин, парацетамол и хероин, и кеса и фолија со остатоци од хероин.
На 02.01.2019 година околу 18,45 часот во Скопје, на паркинг на улица „Тале Христов“ опожарено било неисправно патничко моторно возило „Опел рекорд“ со скопски регистарски ознаки сопственост на С.Н.(52) од село Љуботен, кое подолго време било оставено на паркингот поради дефект. Повредени лица нема. Извршен увид.
На 01.01.2019 година во 20,00 часот во Полициското одделение Галате Е.К.(44) од с. Калиште пријавил дека истиот ден околу 18,30 часот од домот во непознат правец се оддалечила неговата ќерка Н.К.(18). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
На 02.01.2019 година околу 20,40 часот во кумановското село Оризари, настанало нарушување на јавниот ред и мир со физичка пресметка меѓу повеќе лица, при што на С.К.(23) од село Оризари, со остар предмет, му била нанесена убодна рана во пределот на стомакот, по што истиот бил пренесен во Општа болница Куманово. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.