ЗАД ПОЖАРИТЕ СЕ НАЅИРА ДОБРО СТРУКТУРИРАНА ЛОГИСТИЧКА И ОРГАНИЗАЦИСКА МРЕЖА
Експертите од безбедносно-криминалистичката фела ги отвораат логичните криминалистичко-тактички прашања: Кој има ресурси? Кој има логистика? Кој има знаење и вештини за ова? Но, пред сѐ и над сѐ, кој има мотив да креира хаос преку огнот? За нив нема никаква дилема дека само добро организирани структури можат систематски да ја повторуваат оваа шема, анализира НОВА МАКЕДОНИЈА.
И повторно пожар! Последниот настан снимен на безбедносни камери јасно покажува лице што во раните утрински часови (на 16.9.2025 во 3.52 часот) намерно потпалува складиште – автосервис во скопската населба Пинтија.
И повторно сериозен ангажман на големи ресурси на државата, за да се спречат поголеми материјални штети или човечки жртви.
Пораките на оние што стојат зад овие акти на насилство се сѐ погласни, а истоштувањето и трошењето на нашите ресурси за да „ги угасиме проблемите, а не да ги спречиме“ се сѐ поголеми.
„Огнена револуција“?!
Според нашите соговорници, најголем по обем, за кој се потрошија многу ресурси, беше пожарот во резерватот Јасен, една од стратегиските коти во Македонија. Тие настапуваат малку потврдо со констатацијата дека „тој пожар бил подметнат“. Потоа ги наведуваат пожарите во депонијата Дрисла, за кои исто така се тврди дека се подметнати, па Вардариште, повторно подметнат пожар… Сепак соговорниците потсетуваат на фактот дека полицијата летоска фати некои „малолетници за кои тврдеше дека се странски државјани“, кои биле затекнати со опрема за потпалување.
– Кои беа тие деца и од каде дојдоа? Имаше и други лица што беа приведени. Конечно ни се случи и пожарот во Трубарево, каде што некогаш се чуваа крави, а сега истиот простор станал депонија за електронски отпад. Видовме густ црн чад што се надвисна над цело Скопје и пошироко, но сѐ уште не знаеме како е предизвикан тој пожар. Мислевме дека е последен, но дали е сѐ поочигледно дека ќе има уште? Тоа е уште една силна индиција дека постои центар за синхронизација на поведенијата, кои не се изолирани пиромански манифестации, туку пожарите се во каузалитет со сите белези на феноменот екотероризам – велат наши соговорници.
Што се случува? Кој ги влече конците на овој терор и со каква цел? И може ли по сите овие палежи, по овој терор и застрашување да веруваме дека сѐ било само коинциденција?
Нема докази за организирано подметнување на пожарите и нивна поврзаност
Вчера изутрината во јавноста се појавија изјави дека „не може да се докаже поврзаност или организација за подметнување на пожарите“. Таквата констатација засега можеби кореспондира со реалноста. Но докази се едно, а индиции (или основи на сомневање) се друго, според тежината на елементите за кривичноправната постапка што тие во себе ги содржат. Се разбира дека за прибирање сознанија што треба да имаат тежина на материјални докази (конкретно за corpora delicti), кои би биле несоборливи во понатамошната процедура пред обвинителството и пред судовите, се потребни и подолго време и вештини и знаење и искуство.
Но кога се работи за индициите (или т.н. основи на сомневање), тие се всушност почетната точка на која се градат криминалистичките верзии при откривање на казнивите поведенија, за да се дојде до вистината. Таквите индиции (што сега ги има – безброј, како основи на сомневање дека постои еколошки тероризам) треба да се надградуваат со трпелива работа на терен и да се надградуваат до ниво на материјални докази.
Соговорниците инсистираат на тврдењето дека „се разбира дека бројките, зачестеноста и координацијата на овие пожари зборуваат за организиран карактер“, издвојувајќи дека „не е првпат во јавноста да се слушаат пораки дека Македонија ќе гори“.
Според нив, токму тие зборови, поврзани со актуелната состојба, ги отвораат логичните криминалистичко-тактички прашања: Кој има ресурси? Кој има логистика? Кој има знаење и вештини за ова? Но, пред сѐ и над сѐ, кој има мотив да креира хаос преку огнот? Само добро организирани структури можат систематски да ја повторуваат оваа шема, велат експертите по криминалистика.
Тешко дека пожарите се изолирани инциденти
Време е институциите да ја погледнат вистинската слика. Секој нов пожар не е само изолиран инцидент – тој е удар врз здравјето на граѓаните, врз економијата, врз природата и врз довербата во државата. Наместо да се минимизира проблемот, потребна е храброст да се признае дека Македонија можеби е цел на еколошки тероризам. Само тогаш ќе може да се изградат вистински механизми за заштита, превенција и одговор. Сè друго е опасно одложување, кое директно ја чини земјата – и во пари, и во животи, и во иднина, велат експерти од областа за спротивставување на тероризмот.
Р.Н.М. за НОВА МАКЕДОНИЈА.