Лидер на албанската опозициска, Демократска партија, Сали Бериша, објави дека ќе се обрати до Уставниот суд за да се спротивстават на уредбата за виртуелната министерка „Диела“, обвинувајќи дека „претседателот на државата е принуден да потпише сè што му испраќа Рама“.
– Со скандалозниот чин, претседателот на Републиката именува виртуелен, непостоечки министер, навредувајќи го Уставот, земјата и функцијата шеф на државата. И тоа го прави како роб на Еди Рама, кој е длабоко вмешан во кражбата и злоупотребата на армискиот имот и е принуден да потпишува сè што му испраќа Еди Рама. Невиден чин, изјави Бериша.
Според него, Рама направил врева со промоција на „Диела“, за да прикрие дека „создава кабинет од украдени гласови, кабинет од изборната фарса“.
– Но, Диела станува непријатност. Под итно ќе ја доставиме оваа уредба до Уставниот суд за да биде архивирана во срамот на историјата, заедно со луѓето кои се неодговорни за должноста што ја имаат, способни да потпишат што било. Не верувам дека кој било друг диктатор би ја имал оваа уништувачка моќ над шефот на државата, обвини Бериша.
Шефот на државата, Бајрам Бегај, пред два дена потпиша поединечни уредби за 16 министри на новата влада „Рама 4“, но не и за виртуелната министерка „Диела“, која е 17. член.
Ова затоа што, на 12 септември, кога претседателот Бајрам Бегај му го врачи мандатот на Еди Рама за премиер, во член 2 од потпишаната уредба се наведува дека: „Премиерот, исто така, е одговорен за воспоставување и функционирање на министерката за вештачка интелигенција „Диела“.