Се извинуваме на г-ѓата Мира Гаќина Ивановска за објавениот текст кој ќе го избиршеме од порталот и го објавуваме демантот во целост

Денешен.мк

Во продолжение го пренесуваме целиот демант и барањето на правниот застапник на г-ѓа Гаќина Ивановска:

Почитувани,

Во врска со текстот објавен од страна на веб порталот denesen.mk, на ден 18.09.2025 година, со наслов: „Убиецот на Росица бил промовиран од Музејот на современа уметност Скопје“, како полномошник на Мира Гаќина Ивановска, Ве известувам дека:
Во наведената објава, се изнесени невистини, односно неточни информации, со кои на Мира Гаќина Ивановска како поранешен Директор на Националната установа Музеј на современата уметност-Скопје („раководство на МСУ“) и е нанесена штета на честа и угледот, со тоа дека:
-„ Иако имало информации и јавно предупредување дека Стефановски има проблеми со насилство врз жени и има пријави против убиецот кој ја усмрти велешанката Росица и нејзиниот татко, Музејот на современата уметност решил негови дела да бидат презентирани пред јавноста која можела да ги купи во 2021 година.“;
– „Иако два месеци претходно луѓе кои се дел од уметничките кругови блиски на МСУ предупредиле дека се работи за човек кој има проблеми со насилство врз жени раководството на Музејот на современа уметност решило Стефановски да ги промовира своите продукти во јавната културна институција.“
– „…МСУ (која) промовирала тогашен насилник а сега убиец“.

Во контекст на изнесените невистини, исткнувам дека во конкретниот случај, ниту пред објавата на Музејот – на ден 15.05.2021 година, дека: „во книжарницата на Музејот на современата уметност Скопје се достапни продуктите на [0.10]error of harmony, проект на Илија Стефановски…“, ниту пак после оваа објава, тогашниот Директор на Националната установа Музеј на современата уметност-Скопје, немала никакви информации ниту пак имало некакви јавни предупредувања дека Стефановски имал проблеми со насилство врз жени или дека против него имало пријави.

Исто така, нејасна, непрецизна и невистинита е и информацијата дека „луѓе кои се дел од уметничките кругови блиски на МСУ предупредиле дека се работи за човек кој има проблеми со насилство врз жени“.

Оттука, апсолутна невистина е информацијата дека МСУ промовирала тогашен насилник, а сега убиец, затоа што без било каква, а во секој случај, официјално потврдена и објавена од надлежни институции, информација дека станува збор за пријавено и/или обвинето и осудено лице за некакво кривично дело, како раководно лице- Директор на НУ МСУ Скопје, во 2021 година, Мира Гаќина Ивановска не знаела ниту можела да знае дали Стефановски бил насилник, обвинет, осуден…, ниту пак имала обврска да се занимава со карактерот и приватниот живот на Стефановски, кој притоа нормално функционирал во сите сегменти од општествениот живот.

Ова, дотолку повеќе што поаѓајќи од уставното начело на пресумпција на невиност, дури и лицето обвинето за казнено дело ќе се смета за невино сé додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука!

На крај, апсолутно неоснована и невистинита е објавената информација дека Мира Гаќина, како Директорка на МСУ од Мај 2017 до 2023 година, била „кадар на СДСМ“ , затоа што, во конкретниот случај, согласно Законот за установите, Директорката на Националната установа МСУ Скопје била именувана врз основа на јавен конкурс, како кандидат кој ги исполнувал законските критериуми за избор, а не како партиски кадар!

Од тие причини, поради се што е погоре наведено, согласно член 8 став 3 и член 14 став 1 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, со цел да се заштити честа и угледот на мојот клиент, како и угледот на НУ МСУ Скопје, барам веднаш по приемот на ова Барање, Вашето извинување за изнесените невистини и овој демант да го објавите на веб порталот denesen.mk.

Во спротивно, ќе бидам принудена заштитата на честа и угледот да ја остварувам по судски пат.

Останувам во очекување на објавување на Вашето извинување и овој демант во целост.

Со почит,
За Мира Гаќина Ивановска
______________________________
Адвокат Александра Гавриловска