Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека неговата земја ќе продолжи да купува фосилни горива од Русија и покрај ставот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Орбан рече дека веќе го информирал својот сојузник Трамп дека откажувањето од руската енергија би било „катастрофа“ за унгарската економија.
-Му кажав на американскиот претседател дека ако Унгарија биде исклучена од руската нафта и гас, веднаш, во рок од една минута, економските перформанси би паднале за четири отсто. Ова значи дека унгарската економија би била на колена, рече тој на Унгарското национално радио.
Унгарија е една од ретките европски земји што продолжи да купува руска нафта и гас од почетокот на војната во Украина. Порано овој месец, Трамп ги повика сите земји на НАТО, вклучително и Унгарија, да престанат да увезуваат руска енергија, тврдејќи дека тоа би го забрзало крајот на војната.
Сепак, Будимпешта вели дека географските и инфраструктурните ограничувања го прават префрлањето кон западните добавувачи речиси невозможно. Чешка, која се наоѓа во истиот географски регион и е исто така без излез на море, успеа целосно да го запре увозот на руска нафта. Словачка, која граничи со Унгарија, продолжува да се потпира на неа.
И покрај притисокот од ЕУ и администрацијата на Трамп, Орбан нагласи дека Унгарија и САД „се суверени држави“. „Нема потреба едната страна да ги прифаќа аргументите на другата. Америка има свои интереси, Унгарија има свои“, рече премиерот.