Денеска во македонската Влада се одржа настан Демографски трендови – Заедничка акција за инвестирање и искористување на човечкиот капитал преку петгодишната програма на Владата и Фондот за население на Обединетите нации.

Премиерот Христијан Мицкоски посочи дека оваа програма не е само документ или формалност, туку е план за дејствување, визија и стратегија која ќе се реализира со конкретни активности насочени кон иднината на нашата држава и нашите граѓани. Човечкиот капитал, рече Мицкоски, е најважниот ресурс кој ги движи сите останати.

-Нема градинки без деца, нема училишта без ученици, нема универзитети без студенти, нема спорт без спортисти, нема земјоделие без земјоделци, нема општини без граѓани. Нема економија без работна сила, нема потрошувачка без потрошувачи, нема ништо без луѓето, нема ништо без народот и демографија. Демографската рецесија не е нов феномен, таа трае повеќе од 70 години. Во 1950-та година па до денес, бројот на родени деца постојано опаѓа. Во 1950-та имало над 50.000 новородени бебиња, во 2024-та имаме само околу 16.000 новродени бебиња. Кога овие деца ќе одат во прво одделение значи дека ќе имаме околу 150 училници празни, 250-300 наставници ќе останат без работа. Тоа е резултатот од оваа рецесија, рече тој.

Мицкоски оцени дека овој пад има две главни причини.

-Првата причина е природниот проџцес, како држава секогаш сме биле народ кој знае да емигрира и второ, намалениот наталитет и фертилитет. Владата е свесна за ова прашање и веќе работи на неколку линии. Создадовме највисок економски раст на Балканот во однос на нашиот БДП. Тоа значи нови работни места, поголеми плати, поголеми можности за младите. Инвестираме во иднината на семејствата – шест бесплатни обиди за инвитро со забрзана процедура, на товар на Фондот. Бесплатни учебници за учениците затоа што образованието е темел на демографскиот раст, рече премиерот.

Тој зборуваше за книгите за семејствата, кои им ги поделил на учесниците на денешниот настан и преку кои децата треба да научат кога зборуваат за семејствата дека тоа не е „јас, тато и мама“ туку „јас, тато, мама, бато и дада“.

– Според последниот попис сме нешто над 1,8 милиони жители. Имаме над 700.000 редовно вработени и околу 350.000 пензионери. Реално присутно население според сите проценки не надминува 1,5 милиони. Можеби ова во следните 10-15 години ќе биде предизвик, но не со таа брзина ќе го почуствуваме сите. За 20 до 25 години тоа што ќе им го оставиме на тие генерации по нас ќе биде сериозен предизвик. Зошто? Зашто тогаш се плашам дека ќе бидеме држава со под еден милион жители и тогаш ќе имаме на еден пензионер, еден вработен. Тоа значи колапс за пензискиот фонд, тоа значи колапс за здравствениот фонд, рече Мицкоски.

Многудетните семејства, посочи Мицкоски, мора да биде прв приоритет на оваа и сите следни Влади.

– Нека ме нарекуваат конзервативен, заостанат, како сакаат нека ме нарекуваат, но ова мора да биде прв приоритет на оваа Влада и на сите следни влади, а тоа се многудетните семејства. За бадијала ни се градинки ако нема деца, за бадијала ни се училишта ако нема деца, за бадијала градиме автопати и пруги ако нема кој да вози и кој да се вози по нив. За тоа јас би сакал до сите македонски граѓани да упатам јасна порака формирањето семејство, а формирањето многудетно семејство е највисок патриотски чин на еден народ за сопствената татковина, без разлика на етничката припадност, на верската припадност, многудетното семејство значи иднина. Ако сакаме да имаме иднина, ако сакаме да имаме држава, богата држава која ќе се развива и по нас тогаш семејството е одговорот на овој предизвик, рече Мицкоски.