Полскиот претседател Карол Навроцки денеска изјави дека е загрижен за полетувањето на дронови од бродови во Балтичкото Море и влегувањето во воздушниот простор на членките на НАТО, но го отфрли предлогот на украинскиот претседател Володимир Зеленски за затворање на пристапот на Русија до Балтичкото Море.
„Гледаме дека ова е нова област на хибридна војна што Русија ја води против земјите во регионот. Она што се случува со флотата во сенка и употребата на бродови за операции со беспилотни летала секако предизвикува загриженост. Секако, чекаме анализи, таквите одлуки не се носат врз основа на изјавата на Зеленски“, изјави Навроцки за полското радио ЗЕТ.
Тој рече дека е прерано да се коментира идејата и предупреди дека таквата одлука ќе има последици и за економијата и за општеството.
„Военото сценарио од последните три години не оди онака како што го замислуваше (рускиот претседател) Владимир Путин. Русија нема да ја заврши војната, не знаеме дали ќе се развие во напад врз земјите од НАТО, но мора да бидеме подготвени за тоа“, рече Навроцки.
Тој додаде дека ја поддржува тезата дека подготовката за војна е гаранција за мир.
„Пет проценти од БДП за вооружените сили, за купување на најдобрата опрема во светот, инвестиции во полски војници и чинови, како и зајакнување на армијата, ќе ни овозможат да го купиме тој мир“, рече Навроцки.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, како одговор на сè почестите инциденти со руски и непознати беспилотни летала над членките на НАТО околу Балтичкото Море, ја обвини Москва дека ја користи таканаречената „флота во сенка“, танкери и бродови под знамињата на други земји, од кои полетуваат овие беспилотни летала.
„Ова е дополнителна причина зошто Балтичкото Море и другите мориња мора да бидат затворени за руските танкери, барем за „флотата во сенка“. Сметаме на решителни чекори од САД во овој поглед“, рече Зеленски вчера на „X“.
фото: Принтскрин