Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски денес одржа прес конференција во Хиподром од каде ги најави проектите за општина Гази Баба

„Во Општина Гази Баба сакам да ги најавам следните проекти: Прво, изградба на клучката Хиподром; Второ, изградба на трета лента на булеварот Александар Македонски; Трето, изградба на првата фаза од булеварот Хрватска; Четврто, изградба на нов водоводен крак за Автооманда и Железара, и селата во Гази Баба; Пето, поврзување помеѓу Гази Баба и Аеродорм; Шесто, реконструкција на улицата Перо Наков и нејзино поврзување преку нов мост со булеварот Февруарски поход“, потенцира Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека денес сме во општина Гази Баба, на местото каде што ќе се гради клучката во Хиподром, еден од клучните инфраструктурни проекти предвидени во мојата програма, кој ќе значи растоварување на сообраќајот на источниот влез во Скопје.

-Со години наназад, токму тука се создава сообраќаен метеж, кој посебно во утринските часови знае да трае со часови. Со изградбата на клучката Хиподром и третата лента на булеварот „Александар Македонски“, од мостот кај Сингелич (Ченто) до мостот во Автокоманда, ќе овозможиме значително зголемување на протокот на возила и нивно насочување кон Гази Баба.
Клучката Хиподром ќе обезбеди директно поврзување со улицата „Пролетна офанзива“, која најмногу ја користат возачите што доаѓаат од Куманово и Велес, и на тој начин ќе се елиминираат долгите колони при влезот во Скопје. Во исто време, преку булеварот „Александар Македонски“ ќе се овозможи брз и ефикасен проток на возилата кон Автокоманда, со што ќе се растовари целиот источен дел на градот. Со тоа не само што ќе се решава секојдневниот метеж, туку и ќе се модернизира градската инфраструктура и ќе се олесни пристапот до индустриските и станбените зони.
Паралелно започнуваме и со изградба на првата фаза на булеварот „Хрватска“. Со овој проект воспоставуваме стратешко поврзување меѓу Гази Баба, Бутел и Чаир, од мостот во Автокоманда до повозникот меѓу Чаир и Бутел, како дел од внатрешната обиколница на Скопје, што ќе овозможи растоварување на центарот, нови можности за локална поврзаност, економски развој и интегрирање на европски стандарди во сообраќајното планирање, додаде Ѓорѓиевски.

На изградбата на првата фаза на булеварот „Хрватска“, ќе и’ претходи изградба на нов водоводен крак, инвестиција која е клучна за подобрување на водоснабдувањето во високата зона на Автокоманда и Железара, како и во селата на Гази Баба поврзани со градскиот водовод. Со тоа ќе обезбедиме стабилен притисок, сигурна испорака и значително подобар квалитет на услугата за илјадници домаќинства, особено во летните месеци, додаде кандидатот за градоначалник за Град Скопје.

Исто така, би сакал да ги нагласам и новите поврзувања меѓу Гази Баба и Аеродром: поврзувањето на булеварот „Александар Македонски“ со булеварот „АСНОМ“ преку мостот „Михаило Апостолски“, како и реконструкцијата на улицата „Перо Наков“ и нејзиното поврзување со булеварот „Феврузарски поход“ преку нов мост на реката Вардар, нагласи Ѓорѓиевски.

Со севкупната реализација на овие големи инфраструктурни зафати ќе се растовари метежот во источниот дел на градот, кој е воедно и влез во Скопје. Ќе создадеме брзи, функционални и безбедни врски меѓу општините, ќе го олесниме секојдневието на граѓаните и ќе поставиме нови стандарди за урбано и сообраќајно планирање, додаде тој.