-Одеднаш слушнавме силна експлозија и земјата и куќата се стресоа. Слушнавме експлозија. Мислевме дека е земјотрес. Излегов надвор и тогаш видов што се случило. Целиот тој дел од улицата експлодирал и парчиња од асфалтот летнале. Потоа се појави оваа дупка. Пукнала цевката од притисок. Овде асфалтот на оваа уличка е неколку сантиметри, а за изградба на згради тука поминуваат огромни и тешки камиони. Беше прашање на време кога ова ќе се случи – вели жител на Влае кој живее на стотина метри од местото каде што експлодирала Ф-600 цевка. Поради тоа, безмалку во половина Скопје, пред се во Влае, Карпош, Тафталиџе, Козле, па се до Центар, имаше помал притисок на вода и таа течеше со сериозно намален капацитет.

Бевме на лице место. Екслозијата се случила на крајот од улицата Франце Прешерн во Влае, во делот од улицата што оди покрај самиот Вардар. По улицата буквално тече уште една помала река. Екипа на Водовод дојде, но вечерва практично нема што многу да се стори. Половина час се мислеа како да најдат ленти и евентуално ротациони светла за да го заградат местото (на крај на едната страна ставија некакво буре кое го најдоа тука, а со кое беше покриена друга длабока шахта), за да не се случи некој со автомобил да се залета и да пропадне во дупката од околу еден метар, а која има, во површина повеќе од десетина метри квадратни. Распуканиот и пропаднат афсалт сведочи за силината на експлозијата и кога ќе го видите тоа, станува јасно зошто земјата и куќите во околината се затресле, а жителите мислеле дека е во прашање земјотрес.

Водовод вечрва нема што да работи на тоа место, туку копањето за да се дојде до цевката ќе почне утре наутро. Во меѓувреме, поголем доток на вода ќе се обезбеди преку цевката од другата страна на Вардар. Првичната дилема на екипата беше дали и таму се е во ред и дали ќе може преку таа линија да се обезбеди поголем доток на вода за градот, но тоа е постигнато, така што граѓаните ќе можат нормално да го пребродат овој навистина сериозен дефект.

Претходно беше објавено дека поради сериозен дефект на водоводна цевка со пречник од 600 милиметри на улицата „Франце Прешерн“ 100Д во населбата Влае еден дел од градот е со прекинато водоснабдување, а останатиот дел со намален притисок, информираат од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.

Како што посочуваат, водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување на работните активности.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) ја потврдуваат информацијата за дефектот и велат дека екипите се на терен и работат на негова санација.

-Поради тоа, без водоснабдување се повеќе општини, меѓу кои Влае и Ѓорче Петров, прецизираат од ЦУК.

МИА