Министерството за здравство ја почитува улогата и професионалниот придонес на медицинските сестри во здравствениот систем. Најнапред, во однос на вчерашната јавна дискусија, ја информираме јавноста дека станува збор за еден од повеќето чекори во тековниот процес на системско усогласување на 12 закони во здравството. Процесот е етапен, континуиран и максимално инклузивен, со вклучување на стручни здруженија, институции од системот, комори и меѓународни партнери, истакнуваат од ова министерство откако Унијата на медицински сестри реагираше дека не се сослушани нивните ставови.

„Министерот за здравство, Азир Алиу, денес ги прими претставниците на Унијата на медицински сестри ЗМСТАС „За нас“ и ги сослуша нивните ставови. На средбата јасно беше истакнато дека процесот за усогласување на 12-те закони не е затворен ниту финализиран, туку продолжува по етапи, со можност стручните забелешки да се вградат пред влегување во собраниска процедура. Министерот апелираше процесот да не се политизира, туку да остане во рамки на професионален дијалог и аргументирани предлози, во интерес на пациентите и целокупниот здравствен систем“.

На средбата Алиу истакнал дека ја препознава реалноста дека сестринската професија со децении била потценета и маргинализирана во системот — и токму затоа тековните реформи имаат цел системски да ја унапредат нејзината позиција, статус и глас во креирањето политики.

„Воедно потенцираме дека процесот на усогласување на пакетот од 12 закони е во тек и не е завршен. Тој ќе продолжи инклузивно и отворено, а секоја заинтересирана страна ќе има можност да даде свој придонес сè до моментот кога законските решенија ќе влезат во собраниска процедура и ќе бидат разгледувани и изгласани од пратениците“.
Унијата на медицинските сестри претходно реагираше и бараше да бидат слушнати нивните ставови.