Денес сме тука да најавиме проект кој долго време беше еден од најголемите приоритети и најголемите барања на жителите на нашата општина. Кисела Вода конечно ќе добие нова, современа поликлиника во населбата Расадник, здравствен објект што ќе обезбеди полесен и побрз пристап до здравствени услуги за сите жители од овој дел на општината, рече на денешната прес-конференција кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Со години, жителите на Кисела Вода се соочуваа со недостиг од ваква здравствена установа во својата непосредна близина, па за секој лекарски преглед беа принудени да патуваат до други делови на градот. За разлика од изминатите триесет години, во кои оваа тема беше само празно ветување, денес сме во фаза кога изградбата на поликлиниката конечно станува реалност. Обезбедивме градежна парцела за изградбата на поликлиниката, а целосно е изработен и основниот проект, според кој новата зграда ќе се простира на површина од 1.780 квадратни метри и ќе има подрум, приземје и кат. Објектот ќе биде лоциран спроти кафулињата, зад постојниот паркинг во Расадник, на централна и достапна локација за сите жители. Во новата поликлиника ќе бидат сместени сите неопходни служби за современа здравствена заштита. На приземјето ќе има лабораторија, стоматолошка ординација, детски оддел, итна и дежурна служба, ортопедија и матични лекари, додека на катот ќе бидат интерна медицина, кожно, гинекологија и ординација за уво, нос и грло, заедно со административни простории. Изразувам голема благодарност до Владата и Премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, преку која ќе се финансира оваа капитална инвестиција, со средства од унгарскиот кредит. Оваа соработка покажува дека споделуваме заеднички вредности и цели- создавање подобри услови за живот на граѓаните. Благодарение на поддршката од Владата, во општина Кисела Вода во моментов над дваесет капитални проекти или се реализираат или започнуваат со реализација во следниот период. Изградбата на поликлиниката во Расадник, ќе значи значително унапредување на здравствената заштита и подобрување на квалитетот на животот. Жителите на Кисела Вода ќе имаат брз и лесен пристап до лекари и специјалистички услуги, без потреба да патуваат во други делови на градот, а истовремено таа ќе придонесе за растоварување на постојните здравствени установи во Скопје, истакна Ѓорѓиевски.

Ова е уште еден доказ дека кога работиме посветено и со јасна визија, ветувањата стануваат реалност. Чекориме напред, со проекти што носат подобар живот за сите граѓани, додаде Ѓорѓиевски.