Десеттина дена пред Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) да објави видео-сторија со досега необјавени снимки и документи од истрагата за трагедијата во Кочани, извор од Јавното обвинителство ми ја навести можноста да го добијам извештајот на анализирана телефонска комуникација меѓу неколку клучни лица, кој е дел од доказниот материјал за поднесеното обвинение зад кое стои државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, пишува новинарот Бранко Геровски на Плусинфо.

Геровски пишува дека ја одбил понудата, со образложение дека не е „истражувачки новинар“ или истражен орган, дека не брка ексклузиви од ваков вид и дека не е убеден дека јавноста е таа што треба да ја анализира, да ја вештачи и да ја толкува телефонската комуникација која е дел од доказнииот материјал.

Во сторијата на ИРЛ објавена на 28 септември, беа обелоденети пораки меѓу инспектори од Државниот пазарен инспекторат, од полицијата и од УЈП со синот на газдата Дејан Јованов – Деко, Михаил, за кои Редакцијата вели дека биле доставени од свиркач. Пораките посочуваат на сомнеж за подмитување со подароци, дојави до дискотеката пред да има инспекциска контрола, а се наведува и дека полициски инспектори наводно биле редовни гости во објектот кој работел иако не ги исполнувал неопходните услови за тоа.

Во сторијата се наведува дека Драган Паунов – Дацо, инспектор во УЈП во Кочани, брат на претседателката на скопскиот Кривичен суд, Даниела Димовска, бил во постојан контакт со синот на газдата на изгорената импровизирана дискотека „Пулс“ во Кочани, но со обвинението не е опфатен ниту еден инспектор на УЈП од градот.

Кој и како одлучил кој дел од телефонската комуникација да ѝ го презентира на јавноста, а кој да го скрие?  

По објавувањето на сторијата, се огласи Јавното обвинителство, со објаснување дека „дејствија кои не можат да се доведат во контекст со последицата изразена преку кривичното дело Тешки дела против општата сигурност од членот 292 од Кривичниот законик , не биле предмет на обвинението“. Проверките во однос на УЈП се вршеле „во контекст на евентуални коруптивни и други кривични дела на поединци“.

На ова се надоврзува следниот дел од соопштението: „Потврда дека не постои ниту најмала намера овој аспект да се прикрие или да остане неистражен е фактот што комуникацијата презентирана во сторијата (на ИРЛ) е дел од извештај на анализирана телефонска комуникација, кој во целост е доставен во судот како дел од доказниот материјал за поднесеното обвинение“.

Да резимираме до тука:

Прво, постои извештај за телефонската комуникација на наведените лица, кој во целост – повторуваме, во целост – е доставен во судот како дел од доказниот материјал за поднесеното обвинение за трагедијата во Кочани. Така тврди Јавното обвинителство.

Второ, во сторијата на ИРЛ е објавен дел од телефонската комуникација, што значи дека дел е изоставен. Не навлегувам во претпоставки за тоа кој дел е избран, а кој е изоставен и зошто – тоа можеби е одлука на „свиркачот“, можеби е легитимина одлука на Редакцијата на ИРЛ, а можеби станува збор и за заедничка одлука. Таа работа си ја знаат „свиркачот“ и Редакцијата.

Трето, Обвинителството тврди дека извештајот за телефонската комуникација е „потврда“ дека не постои ниту најмала намера да се прикрие или да остане неистражен аспектот на евентуалните коруптивни и други кривични дела на поединци, кои имаат врска со објектот „Пулс“, без оглед што тие не можат да се доведат во контекст со последицата изразена преку кривичното дело Тешки дела против општата сигурност.

Е сега, многу е важно да се открие дали ова последново е точно, односно дали навистина не постоела намера да се прикријат некои индиции од телефонската комуникација, кои упатуваат на евентуални коруптивни дејствија и на други личности, кои не се спомнуваат (или не се именуваат) во анализата на објавените делови од телефонската комуникација. Ова е важно да се утврди, за да се дознае дали во делот од комуникацијата кој не е презентиран има имиња, наводи и сомничења кои некој решил да ги прикрие.

Тоа беше причината поради која од мојот извор побарав делови од извештајот за телефонската комуникација, кои, колку што ми е познато, не се објавени. Нагласувам, барав само такви делови – за другите знаеме, а целиот извештај треба да го анализира Судот, а не новинарите. Добив таков материјал и еве, објавувам некои комуникации, кои јасно укажуваат на мотивите зошто некои важни делови од тој извештај требало да се прикријат.

При тоа, нагласувам уште еднаш дека телефонската комуникација може да се третира само како индиција, односно околност која може да ја наведе истрагата да испита сомнениа за можни сторени кривични дела, за коруптивни влијанија и слично – индицијата, сама по себе, не е доказ.

И секако, додавам тука дека релациите меѓу клучните актери кои ги анализира ИРЛ се неспорни, та во таа смисла нивната анализа не е неточна. Но, има тука нешто повеќе. Има и други грмушки во кои се кријат многу интересни зајци…

Михајло, синот на газда Деко: „Оливер Спасовски се е јавувал у Штип у полицијата за нас“

Значи, што друго има во извештајот за телефонската комуникација, а не е обелоденето?

Еве еден многу интересен пример од тој извештај. На 17 февруари 2022 година, синот на газдата Дејан Јованов – Деко, Михаил, се јавува до извесна Бојана и ја известува дека Оливер Спасовски (тогаш министер за внатрешни работи) се јавувал во полицијата во Штип, за таму да ургира за дискотеката („Оливер Спасовски се е јавувал у Штип у полицијата за нас“).

Бојана го прашува Михаил зошто се јавувал Оливер Спасовски, дали за да ја намалат казната. За каква казна станува збор? Во претходен разговор, Михаил ѝ кажува на Бојана дека добил информација за казна која требало да им биде наплатена од УЈП, во висина од 40.000 евра. Михаил ѝ објаснува на Бојана дека ургенцијата била со цел да не им досадува полицијата и дека тоа не било полицијата од Штип (се мисли на СВР Штип), туку проблемите биле од полицијата од Кочани.

Плусинфо

Ова е уште еден шокантен дел од разговорот: за таа цел, вели Михаил, началникот од Кочани ќе бил повикан во СВР Штип, за да се изврши притисок врз кочанската полиција да не врши контроли во дискотеката (Порака на Михајло до Бојана; „И он кажал тој началникот од Кочани утре одма на информативен разговор да дојде … кај началникот за Источна Македонија… ќе им с’ржат малку… да се посерат“). Бојана на тоа одговара дека треба, бидејќи почнале многу да се занесуваат (се мисли на полицајците од Кочани).

Ургенцијата била направена преку мајката на Михаил, односно преку неговиот дедо, кој имал другар Станко во Скопје, со многу јака врска.

Михаил: „До Бочварски и до Лукаревска стигнав“; Дацо: „Лукаревска може, обиди се преку Трајче од СДСМ“

Втор интересен пример е комуникација од 28 јуни 2023 година, помеѓу Михаил и спомнатиот Драган Паунов – Дацо, инспектор во УЈП во Кочани. Михајло го известува Дацо дека сакале да го пломбираат, бидејќи некој Никола, што бил директор на УЈП, никако не сакал да попушти.

Плусинфо

Дацо му објаснува на Михаил дека Никола е началник, шура на министерот Бојан Маричиќ, а сестра му била пратеничката Маринела Тушева. Михајло одговара дека тој стигнал до Бочварски (Благој) и до Лукаревска (Сања), но до нив (Маричиќ и Тушева) не стигнал. Дацо одговара: Лукаревска може.

целиот текст прочитајте го на Плусинфо