Дигитална трансформација на Скопје – 17 проекти за паметен, модерен, транспарентен и град кој се грижи за младите. Кога зборуваме за иднината на Скопје, зборуваме за град кој треба да функционира паметно, брзо и чесно. Град во кој системот, а не врските, ја движат работата, посочи кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

-Таков град може да се изгради само преку вистинска дигитална трансформација, преку која администрацијата ќе стане сервис, а не бариера за граѓаните. Дигитализацијата е симбол на ефикасност, транспарентност и законско работење. Токму затоа, уште како градоначалник на Општина Кисела Вода, бев пионер во воведувањето на дигитални услуги во локалната самоуправа. Кисела Вода стана првата дигитална општина не само во Македонија, туку и на целиот Балкан. И тоа не беше само технолошка промена, туку начин на работа во кој нема место за скриени одлуки, за одолговлекување, за селективност. Таквиот модел сакам да го пренесам и на градско ниво. Оттука, денес говориме за уште еден од носечките седум столбови од мојата програма-дигитализацијата. Со 17 проекти од оваа област, Скопје ќе стане првиот целосно „paper free” град во државата, дигитален, модерен и транспарентен, истакна тој.

Дигиталната трансформација ќе се изврши во три клучни сегменти – комплетна внатрешна дигитализација на сите процеси и процедури, креирање на дигитални услуги и сервиси за граѓаните и бизнис заедницата и комплетна дигитализација на Советот и на јавните претпријатија, со што градот ја започнува најголемата административна реформа досега.

-Ќе формираме посебна организациона единица со назив Смарт Центар, кој ќе биде срцето на дигиталната трансформација и преку кој ќе се координираат сите проекти за дигитализацијата на Градот, односно воведување на паметен град, овозможувајќи дигитално управување со транспорт, отпад, јавни ресурси и услуги преку податоци и анализи во реално време. Ќе воведеме Документ Менаџмент Систем и ЕРП систем, за сите административни процеси да се дигитализираат – од прием на предмети до нивно решавање, со јасен дигитален траг на секој документ. Ова гарантира отчетност, брзина, минимално влијание на човечкиот фактор и подобра услуга за граѓаните. Практичната имплементација на Визијата за урбан развој на Скопје 2025-2045, ќе се реализира преку проектот Дигитален близнак на Скопје, со што ќе се создаде дигитална реплика на градот, со интеграција на просторни податоци, сензори и документи. Овој систем ќе овозможи интелигентно урбано планирање, поефикасно управување со инфраструктурата, климатска отпорност и брз одговор при непогоди. Ќе ги дигитализираме сите регистри кои Градот ги води согласно закон како: Регистарот на движен и недвижен имот, Регистарот на урбанистички планови, Регистрите за туризам, авто-такси превоз, имиња на улици и плоштади и други, посочи Ѓорѓиевски.

Тој истакна дека податоците ќе бидат точни, поврзани и достапни, со можност за онлајн плаќање и јавна отчетност.

-Процесот на локално оданочување ќе се модернизира преку проектот Е-даноци, со кој решенијата за данок на промет ќе се издаваат за 5 работни дена, а даноците ќе можат да се плаќаат електронски- брзо, едноставно и сигурно. Со проектот Е-адреса, во соработка со Катастарот, ќе се изврши комплетно мапирање на улиците и објектите, секој објект ќе добие видлив број, секоја улица матичен број, правилен назив и QR-код, со можност за граѓаните да добијат електронска потврда за точна адреса. Сите проекти ќе се следат преку Електронскиот систем за управување со проекти, кој овозможува јавно следење на статусот, трошоците, динамиката и резултатите на секој општински проект, со електронска комуникација, архивирање и потпишување документи. Дигиталната платформа за културно наследство ќе интегрира 3D реконструкции, виртуелни тури и дигитални архиви на културното богатство на Скопје, достапни за граѓаните и туристите. Со комплетна внатрешна дигитализација на сите процеси и процедури ќе се создадат услови за креирање на дигитални услуги и сервиси за граѓаните и бизнис заедницата. Градскиот портал ќе биде централното место преку кое, граѓаните, бизнисите и институциите ќе имаат централен пристап до сите услуги на градот, јавните претпријатија и јавните установи, брзо, транспарентно и достапно. Со Е-извод од ГУП, секој извод од Генералниот урбанистички план ќе биде достапен дигитално, со електронски потпис и печат, овозможувајќи брза и правно сигурна употреба за граѓаните и инвеститорите, рече тој.

SKOPJE CITY GO ќе биде единствена картичка за сите градски услуги: јавен превоз, паркинг, билети за култура и спорт, со попусти и бесплатни услуги за ученици, пензионери, невработени и лица со попреченост.

-Преку проектот „AI Скопје“, со помош на вештачката интелигенција ќе ги оптимизираме сообраќајот, јавниот превоз, безбедноста и еколошките показатели, додека учениците, лицата со попреченост и целото население ќе добијат дигитална поддршка и персонализирани решенија. Градот ќе биде отворен за иновации, хакатони и урбани лаборатории, овозможувајќи граѓаните и младите да предложат решенија за локални предизвици. Покрај дигитализацијата на Градот, предвидуваме и комплетна дигитализација на Советот на Градот Скопје и јавните претпријатија кои ќе работат транспарентно и дигитално преку електронски седници на Советот и состаноците на Управните одбори, со електронски пристап до материјалите, гласање и дискусија, со јавна достапност на записниците. Но дигитализацијата не е само технологија. Tаа е начин на размислување, начин на креирање град во кој младите ќе бидат моторот на промените. И токму затоа, следниот столб во мојата програма е посветен на младите. Сакам да изградиме град кој ќе им понуди шанса, простор и поддршка да растат и да создаваат овде, во Скопје. Затоа, ја воведуваме мерката која веќе даде одлични резултати во Кисела Вода – ослободување од комуналии за младите брачни двојки, истакна Ѓорѓиевски.

Младите брачни парови до 40 години, без друг имот, ќе добијат до 100% ослободување од комуналии при изградба на куќа за домување. За општините што веќе донеле ваква одлука, како Кисела Вода, ослободувањето ќе изнесува 100%, а за останатите општини – 60% односно делот кој му припаѓа на градот Скопје.

-Имаме предвидено и програма за задолжително младинско вработување во Скопје. Со цел намалување на младинската невработеност и поттикнување на економскиот раст, Градот ќе се залага за воведува обврска за сите средни и големи компании во Скопје да ангажираат најмалку еден млад вработен до 25 години за секои 20 постојни вработени. Оваа мерка се темели на успешни модели од земји како Германија и Холандија, каде младинските квоти и стимулации за работодавачите резултирале со значително зголемување на вработеноста кај младите. Младинскиот Центар за Кариера ќе обезбедува менторство, обука и поврзување со работодавачи, создавајќи одржлива платформа за професионален развој на младите. Со проектот за поддршка на млади занаетчии, средните занаетчиски училишта ќе добијат субвенции за современа опрема, дигитални уреди и технички алати, додека кампањата „Учи занает, гради иднина“ ќе обезбеди стипендии, практикантства и директна вклученост на локалните мајстори. Со цел враќање на ноќниoт живот на градот, ќе изградиме “Disco Zone”, со што ќе се создадат специјализирани зони за летни дискотеки и ноќни клубови надвор од центарот, со цел намалување на метежот, бучавата и притисокот врз градското јадро, овозможувајќи контролиран ноќен развој и ревитализација на периферијата. Дигитални станбени хабови ќе понудат централни локации со зелени зони, места за ко-креација и дигитални иновации, поврзани со јавен транспорт, додека проектот „Паметно семејство“ ќе создаде станбени зони за млади брачни парови и повратници од странство со засилена социјална и дигитална инфраструктура. Воедно, со проектот „Паметен пазар на недвижности“, сите достапни станови и деловен простор ќе бидат јавно објавени на Градскиот портал, овозможувајќи транспарентност и точни информации за цените и достапноста. Кога градот е дигитален, секој млад човек може лесно да учи, работи, креира и живее овде. Кога младите остануваат и напредуваат во својот град, дигиталните услуги добиваат вистинска вредност, тие стануваат алатка за реални шанси, за транспарентност и чесност, за иднината на главниот град. Град што создава можности, ги вреднува младите и работи со транспарентност – тоа е Скопје што ни е потребно и Скопје што ќе го добиеме, порача тој.