На ниво на ЕУ во моментов не постојат утврдени стандарди поврзани со хигиената во јавните тоалети и Европската комисијата не планира да воведе „оценка за хигиената“ во нив, наведе извршниот потпретседател на Европската комисија за просперитет и индустриска стратегија Стефан Сежурне во одговор на пратеничко прашање на грчкиот европратеник Емануил Фрагос.

Фрагос побара од Еврокомисијата да одговори дали смета дека во јавните тоалети во ЕУ треба да важат унифицирани високи хигиенски стандарди и дали размислува за усвојување на систем за „оценка за хигиената“ со цел граѓаните однапред да знаат колкаво е нивото на хигиена на секој објект.

– Јавните тоалети можат да бидат извор за пренос на бактерии преку индиректен контакт. Бактериите, како што се ешерихија коли, салмонела или стафилокока, може да се пренесат од школката или други површини, особено ако дојдат во контакт со оштетена или иритирана кожа. Габите што предизвикуваат инфекции на кожата или гениталиите се пренесуваат полесно во топли и влажни средини, наведе Фрагос во иницијативата.

Според него, некои вируси, како што се оние што предизвикуваат гастроентеритис, исто така може да се шират преку контаминирани површини, на пример ве-це школки или рачки на вратите, кои преку рацете можат да дојдат во контакт со устата.

Фрагос, кој доаѓа од редовите на националистичката партија Грчко решение (ЕЛ), смета дека за значително намалување на ризикот од ширење на микроби или вируси потребни се добра хигиена на тоалетите, избегнување на директен контакт со површини и употреба на средство за дезинфекција или навлака на школките.

– За намалување на овие ризици идеалниот јавен тоалет би вклучувал автоматски системи за чистење и чешми без допир, достапност на навлаки за ве-це школките за еднократна употреба, сапун, вода, средство за дезинфекција на раце и површини направени од материјали што лесно се чистат и не задржуваат бактерии. Ова ќе го ограничи контактот со патогени и ќе го подобри искуството на корисниците, наведе Фрагос. 

Фото: МИА Архива