Опремени сме со реагенси и луѓето може да се тестираат паралелно и за грип и за Ковид-19, потенцираше попладнево во изјава за медиуми, доктор Драган Кочински, епидемиолог, раководител на Одделот за епидемиологија во Институтот за јавно здравје и нагласи дека е рано да се каже каква ќе биде состојбата со заболени од грип оваа сезона.

-Се уште е рано да кажуваме како ќе се движи сезоната бидејќи ова е сепак почеток, четврта недела откако го следиме грипот – на групни пријави за грип. Пикот на самиот грип е некаде кон крајот на јануари, почетокот до средината на месец февруари. Така дшто во текот на сезоната ќе расте бројот на заболени, рече Кочински.

Тој потсети дека вакцината против сезонски грип е најефективната мерка за превенција од ова заболување.

-Во пунктот на Институтот за јавно здравје каде се вакцинираат здравствените работници од Скопје има околу 750 вакцинирани здравствени работници, тука во пунктот и на терен, каде што оди нашиот тим, информираше Кочински.

На новинарско прашање дали годинава како и во изминатите години има слаб интерес кај бремените жени за вакцинација, рече дека засега тие податоци не ги добиваат од Управата за електронско здравство по ранливи категории, добивале само вкупни бројки.

-Стандардно, интересот е низок. Но, секоја година, така и оваа, ги повикуваме да се пријават на вакцинација.мк и да се вакцинираат против сезонски грип, подвлече Кочински.

Тој потсети дека Ковид-19 е се уште присутен како болест.

-Овој период е намален бројот на лица со Ковид-19, можно е да се имаат двете болести во ист период. Во секој случај, најдобро е да се јават на матичен лекар, на инфектолог и да се следи нивната состојба, рече во одговор на новинарско прашање.

По извршеното тестирање, од истестираните, како што информираше тој, во моментов во нашата држава циркулира стратус варијантата на Ковид-19.

-Секако, тоа не значи дека не е веќе присутна и некоја нова варијанта, додаде Кочински.

На новинарско прашање, одговори дека здравствено ранливите категории, кога одат во здравствени установи, установи за колективно сместување, немаат штета од носење заштитни маски како превентива, посебно во овој период од годината, во сезона на грип.

Утрово од ИЈЗ информираа дека во текот на 43. недела од 2025 година – од 20 до 26 октомври, во земјава се евидентирани  56 случаи на групни пријави за заболени од грип – заболувања слични на грипот, што претставува намалување од 32,5 отсто во споредба со минатата недела.

– За споредба, во 43. недела од минатата сезона, регистрирани беа 42 заболени лица – зголемување од 33,3 проценти, додека во однос на моделот за последните 15 сезони, се регистрира намалување од 10,5 отсто, појаснија од ИЈЗ.

Во сезоната 2025/2026 вкупниот број на случаи на грип – заболувања слични на грипот изнесува 244, според податоците на ИЈЗ. Во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи бил зголемен за 64,9 проценти, а во однос на моделот од последните 15 сезони се регистрирало зголемување од 21,9 отсто.

Од ИЈЗ потсетија дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на таканаречените ризични групи – согласно препораките на СЗО: постарите лица – над 65 години, деца на возраст од 6-59 месеци, лица постари од 6 месеци со хронични болести, бремени жени, здравствени работници.

-Според податоците од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата, а заклучно со затворањето на овој извештај, вакцинирани се вкупно 31.289 лица од ризичните категории на населението со бесплатни вакцини, додадоа од ИЈЗ.