„И минатата и оваа година разговаравме за инженерски, а не за политички проблеми на проектот. Она што вие и вашите колеги сакавте да го направите политички проблем, за среќа не успеавте и затоа сме тука денес. Мислам дека доволно одговорив“.
Вака му возврати вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на репортер од бугарската агенција БГНЕС, кој со провокативно прашање пробаа да го потсети на негова ланска изјава на ТВ Алфа, каде што, наводно, како што пишуваат бугарските медиуми, ги нарекол Бугарите „нецивилизирани“ и „бедни“.
На дополнителното прашање „дали ќе се извините за оваа изјава?“, Николоски го сврте грбот.
Што изјави Николоски минатата година во септември на ТВ Алфа за Бугарија?
Неговата изјава беше во контекст на скандалот на средбата меѓу претседателите на двете земји во Софија од 13 септември, кога неодостасуваше македонското знаме. Неколку дена подоцна, Николовски за ТВ Алфа изјави дека Бугарија се покажала како „нецивилизиран домаќин“.
– Минимум пристојност е да ставите знаме на државата од која што доаѓа претседателот. И минимум човек треба да е нормален за тоа да го сработи. Најмалку треба да се очекува од претседател на држава да оди таму и да гледа каде има, а каде нема знамиња. Тоа не е работа на претседателката, туку на домаќинот да покаже пристојност. Ама затоа што домаќинот очигледно ниту е цивилизиран, ниту е пристоен, ниту има каква било почит, затоа е работава ваква каква што е. Помизерни од нив се само нашиве домашниве слуги, кои прифатија дека имаме заедничка историја и дека македонскиот јазик е бугарски дијалект, а сега зборуваат за патриотизам. За оваа изјава очекувам да добијам протесна нота од бугарското МНР – изјави тогаш министерот Николоски




