Српските медиуми денеска пренесуваат изјава на портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, која вели дека – кога ги слуша интервјуата на српскиот претседател Александар Вучиќ, не е сигурна дали станува збор за едно или за повеќе лица, бидејќи некои од неговите изјави се слушаат во Москва, а други во интервјуа од други географски точки.

„Кога ги читам сите овие интервјуа на претседателот на Србија, се прашувам дали навистина постои еден претседател Вучиќ. Бидејќи се добива впечаток дека овие интервјуа ги даваат различни луѓе. Едно интервју, една изјава слушаме кога е во Москва, а други изјави слушаме кога дава интервјуа од други географски точки. А, сега зборувам само за јавната сфера. Не знам, можеби медиумите нешто искривиле, но тогаш треба да има некакво појаснување од надлежната прес-служба, прес-службата на претседателот на Србија, која требаше да разјасни дали се е правилно цитирано во ова интервју“, изјави таа на прашањето на RT Balkan да ја коментира неодамнешната изјава на српскиот претседател дека купувачите на муниција произведена во Србија можат да прават што сакаат со неа.

Захарова рече дека Москва постојано добивала гаранции од српското раководство, меѓу другото, на највисоко ниво, дека извозот на муниција произведена во Србија е под строга контрола и дека тие производи „нема да бидат испорачани во Украина“, за да Киев не ги користи против руски војници.

„Само ќе ве потсетам кои се овие војници. Тие се војници кои припаѓаат на вооружените сили кои постојано им доаѓаат на помош на пријателскиот српски народ, и историски и во современиот период“, рече Марија Захарова.