Изборниот пораз на СДС и нивниот лидер Венко Филипче продолжува да предизвикува бурни реакции во јавноста и во политичките кругови. Според последните резултати, партијата освои околу 120.000 гласови, со што падна на третото место на национално ниво и петто во Скопје — што се смета за еден од најлошите резултати во историјата на СДС.
Иако Филипче по поразот најави реформи и кадровски промени, засега нема конкретни чекори. Според извори блиски до партијата, тој се соочува со сериозни потешкотии при формирањето на новото раководство, бидејќи дел од поранешните активисти и поддржувачи одбиваат да прифатат функции. Наводно, дел од нив сметаат дека Филипче не го претставува автентичниот дух на партијата и дека е време за ново раководство.
На денешната прес-конференција, членот на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, остро го критикуваше актуелното раководство на СДС и побара итна реакција.
„Ова што му се случува на СДС не му го посакуваме никому. СДС беше партија со историја, кредибилитет и квалитетен кадар. Но, она што Заев, Ковачевски и Филипче му го направија на СДС е резултат на ароганцијата и предавствата што ги направија. На ВМРО-ДПМНЕ ѝ е потребна силна опозиција, а не партија без кредибилитет со Венко Филипче на чело,“ изјави Манасиевски.
Тој додаде дека СДС може да ја врати довербата кај граѓаните само преку темелна внатрешна реформа и избор на ново, кредибилно раководство.
Со изборниот резултат и растечкото незадоволство во членството, пред СДС стои тежок предизвик – дали ќе успее да се обнови или ќе продолжи да тоне во политичка маргинализација.




