Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, изјави дека поразот на Социјалдемократскиот сојуз на локалните избори предизвикал сериозна криза во партијата, а процесот на консолидација под водство на Венко Филипче не дава резултати.

Според Манасиевски, јадрото на СДС продолжува да се распаѓа по, како што вели, „катастрофалниот резултат“ на изборите, на кои партијата освоила околу 120.000 гласови и само шест општини.

„СДС е во тежок политички нокдаун, а процесот на консолидација никако да му појде од рака на Филипче,“ истакна Манасиевски, додавајќи дека и внатрепартиските несогласувања се продлабочуваат.

Тој посочи дека, според информации што му биле доставени, познат доктор и поранешен градоначалник одбил да прифати функција во раководството на СДС поради недоверба во лидерот Филипче.

„Факт е дека дел од поранешните активисти и функционери на СДС веќе не се поистоветуваат со политиките на Филипче и бараат одговорност во сопствените редови,“ додаде Манасиевски.

Во својата изјава, тој нагласи дека реформите во опозициската партија се неопходни, бидејќи, како што рече, на Македонија ѝ е потребна силна и функционална опозиција.

„Им порачуваме на СДС да преземат иницијатива за итни реформи. Македонија има потреба од стабилна политичка сцена и одговорна опозиција,“ порача Манасиевски, додавајќи дека според него, Венко Филипче е задоволен со моменталната состојба, иако тоа ја води партијата кон „ниво на статистичка грешка“.