Делегација од Општина Карпош предводена од градоначалникот Сотир Лукровски и советниците Христо Саракинов (ВМРО – ДПМНЕ) и Татјана Стојановска (Независни за Карпош), денеска положија свежо цвеќе пред споменикот на борците од Првиот Скопски партизански одред. На тој начин, претставниците од локалната самоуправа одадоа почит по повод одбележување на 81 годишнината од ослободувањето на главниот град. Во рамки на свеченоста која ја организираше Сојузот на борци на Македонија, пред споменикот на борците од Првиот Скопски партизански одред се поклонија и бројни делегации и претставници од граѓански здруженија, се вели во соопштението од Општина Карпош, што МИА го пренесува интегрално.
Пред присутните се обрати и првиот човек на Општината, Сотир Лукровски, кој во оваа пригода ја истакна важноста од чествување на празниците, кои се темел на македонската национална свест.
„Со жалење ќе констатирам дека бројот на живите сведоци од НОБ е навистина мал. Затоа апелирам, ние помладите да ја негуваме историјата, да ја практикуваме традицијата и да го пренесуваме културното наследство, бидејќи сите тие елементи се дел од нашата колективна историја“ – констатираше Лукровски.
Инаку во далечната 1944 година, нападот на надворешната одбрана на Скопје започнал на 11 ноември, кога бил скршен германскиот отпор кај Катланово и селото Лисиче. На 12 ноември, Третиот баталјон и Дванаесеттата бригада влегле во градот, а во ноќта помеѓу 12 и 13 ноември, заедно со ударните групи од градот, во уличните борби, тие успеале да ја совладааат германската одбрана и ги неутрализирале последните упоришта на окупаторот кои се наоѓале во Офицерскиот дом, Народната Банка и Железничката станица. Во понатамошните борби до 16 часот попладне, бил ослободен целиот град.
Одбележан 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје




