Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во најновото соопштение реагира на најавите на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, за реформи и кадровски освежувања во партијата. Од таму велат дека од неговите најави не произлегле никакви суштински промени, освен изборот на Александар Трајановски за нов потпретседател на СДСМ.

Според ВМРО-ДПМНЕ, Трајановски бил единствениот кој прифатил висока функција „иако влегол во изборната трка знаејќи дека е однапред поразен“. Партијата дополнително оценува дека случувањата во СДСМ и натаму се одвиваат според насоките на поранешниот лидер и премиер Зоран Заев.

Во соопштението се наведува дека вистински реформи во СДСМ, според владејачката партија, може да има само доколку Венко Филипче поднесе оставка, со што партијата би се ослободила од „диктатот на Заев“.

ВМРО-ДПМНЕ ја критикува и, како што наведува, „луксузната слика“ поврзана со дел од раководството на СДСМ, споменувајќи патувања, вили и јахти во Обединетите Арапски Емирати и Грција. Тие тврдат дека и самиот Трајановски бил дел од тие приватни дружби заедно со Филипче и Заев.

„Трајановски не претставува реформа за СДСМ“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, од каде што додаваат дека единствена суштинска промена во опозициската партија би била оставката на Филипче.