Шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто, изјави дека на европската политичка сцена доминира „екстремно антихристијански либерален мејнстрим“, што дополнително ја зголемува одговорноста на Унгарија во заштитата на прогонуваните христијани.
Зборувајќи на настан по повод Црвената среда – ден на солидарност за прогонуваните христијани, Сијарто предупреди на опасностите од војни, миграција и тероризам во Европа, како и на „агресивната секуларизација, антиклерикализам и антихристијанство“, објави МТИ.
Унгарскиот министер нагласи дека земјата активно им помага на христијанските заедници низ целиот свет преку програмата „Унгарија помага“, со повеќе од 450 хуманитарни проекти во 64 земји, со вкупна вредност од околу 120 милиони евра.
Само минатата година, речиси 380 милиони христијани се соочија со прогон, вклучувајќи речиси 4.500 убиства и околу 5.000 затворања поради нивната вера.
Сијарто ги повика европските лидери да се вклучат во заштитата на христијаните, нагласувајќи дека патриотската унгарска Влада останува посветена на обезбедување поддршка и помош на прогонуваните заедници.
фото: архива




