Уставната судијка Добрила Кацарска која е позната по тоа дека преку ноќ благодарејќи на СДС стана Уставен судија, поради нејзините пресуди за 27 април, бара да се укине зголемувањето од 7.000 денари на пензиите, додека истовремено бара зголемување на нејзината плата од околу 100 илјади денари, истакна на денешната прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.

Посочи дека додека поединци судии и обвинители кои немаат ниту кредибилитет ниту легитимитет, блиски до структурите на СДС јавно бараат енормни зголемувања на платите, Кацарска по насока од СДС бара намалување на линеарното зголемување на пензиите.

-СДС кои ја крахираа економијата и го контаминираа судството со свои кадри, сега на безобразен и срамен начин, преку Добрила Кацарска, се обидуваат да им ги одземат парите на пензионерите. Додека СДС молчи, бидејќи во нивно време пензионерите добиваа по 150 денари покачување, нивните инфилтрирани поединци во судството гласно бараат европски плати со доверба од едвај 2%. Во регионот и Европа, правосудните органи со далеку поголема доверба имаат плати слични на нашите, а кај нас судиите и обвинители со 2% доверба бараат двојно зголемување до над 6.000 евра, а притоа се бара кратење на пензиите на пензионерите. Чест на исклучоци, но поголемиот дел од овие контаминирани и корумпирани кадри блиски до СДС немаат ниту срам, ниту образ, вели Манасиевски.

Тој додава дека сè додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт, економијата ќе расте, а со тоа и пензиите и платите. ВМРО-ДПМНЕ се грижи за граѓаните и го подига животниот стандард.

Од ВМРО-ДПМНЕ бараат СДСМ јавно да се огради од барањата на Кацарска за поништување на зголемувањето на пензиите, кои таа ги побара од Уставниот суд.