Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, денеска изјави дека ЕУ мора да игра „централна улога“ во обезбедувањето мир во Украина и дека ова е еден од главните елементи за „праведен и траен мир и суверенитет на Украина“.

Делегација од Украина, европски безбедносни претставници и американска делегација предводена од државниот секретар Марко Рубио денеска се среќаваат во Женева за да разговараат за неодамна протечениот предлог на САД за прекин на војната во Украина.

Во соопштение објавено на веб-страницата на ЕК, фон дер Лајен изјави дека одржливиот мировен план, покрај запирањето на војната, не смее „да сее семе на иден конфликт“.

Таа додаде дека „границите не можат да се менуваат со сила“ и го отфрли ограничувањето на персоналот во украинската армија, што е една од точките на протечениот мировен план.

-Не може да има ограничувања на украинските вооружени сили што би ја направиле земјата ранлива на идни напади и со тоа би ја поткопале европската безбедност, се вели во соопштението.

Фон дер Лајен изјави дека „Украина мора да има слобода и суверено право да ја избере својата судбина“ и дека избрала „европска судбина“, додавајќи дека ЕУ ќе продолжи да работи со Украина, коалицијата на земји што ја поддржуваат Украина и САД за да се постигне „вистински напредок кон мирот“.

Таа изјави дека „клучен елемент“ на мировниот договор мора да биде и „враќањето на секое украинско дете киднапирано од Русија“.

фото: АРХИВА