Надоместокот за породилно отсуство не се исплаќа одеднаш, туку е континуиран процес што трае низ целиот месец, појаснуваат од Фондот за здравствено осигурување, во одговор на обвинувањата од СДСМ дека исплатите на породилни отсуства задоцнуваат 30 дена.

„Надоместот на породилно отсуство е процес поврзан со работодавачот на осигуреничката. Во моментот на исплата на плата од страна на работодавачот, УЈП доставува електронски информации за платените придонеси за соодветниот месец до Фондот, кои се обработуваат и одобруваат од подрачните служби, заедно со надоместоци за друг вид на боледувања, се доставуваат до Дирекцијата на Фондот. Оттука се доставуваат до УЈП за подготовка на МПИН. Потоа пресметаните надоместоци се исплаќаат континуирано. Да потенцираме ФЗО исплаќа бруто надомест, односно пензиски и други придонеси“, се наведува во соопштението.

Најголем дел од исплатите се од 10 до 20 во текот на месецот, бидејќи тогаш најголем број од работодавачите исплаќаат плати. За месец октомври досега се обработени и исплатени 6.268 предмети. Преостанатите околу 1.000 ќе бидат исплатени до крајот на месецот. Во септември биле обработени 7.319 предмети.