На стадионот во градот Хост, на истокот на Авганистан, вчера беше извршена јавна егзекуција, во која беше погубен човек кој претходно годинава убил 13 членови на едно семејство.

Десетици илјади лица, вклучувајќи ги и роднините на жртвите, присуствуваа на егзекуцијата на спортскиот стадион, за која Врховниот суд рече дека е 11-та егзекуција извршена откако талибанците ја презедоа власта во 2021 година по хаотичното повлекување на силите на САД и НАТО.

Специјалниот известувач на Обединетите нации за Авганистан, Ричард Бенет, претходно вчера објави дека извештаите сугерираат дека јавната егзекуција е неизбежна и повика таа да се запре.

„Јавните егзекуции се нехумана и сурова казна спротивна на меѓународното право“, рече тој.

Талибанските владетели во Авганистан наметнаа строга интерпретација на шеријатскиот закон, што вклучува враќање на јавните егзекуции, како и забрани за авганистанските жени и девојки од средношколско и универзитетско образование и повеќето форми на вработување.

Според извештајот на Врховниот суд, егзекуцијата била наредена откако Апелациски суд и самиот Врховен суд ја изрекоа и потврдија смртната казна, а таа била одобрена од авганистанскиот врховен лидер Хибатула Ахунџада.

Човекот бил осуден за влегување во семеен дом во покраината Хост и убиство на членови на поширокото семејство, вклучувајќи девет деца и нивната мајка.

„Мажот бил застрелан од роднина на оние за чии убиства е осуден“, изјави портпаролот на полицијата во Хост, Мустагфир Горбаз.

На роднините на жртвите им била понудена можност за прошка и помирување, што ќе го поштедело животот на човекот, но наместо тоа тие побарале смртна казна.

За време на нивното претходно владеење со Авганистан кон крајот на 1990-тите, талибанците редовно вршеле јавни егзекуции, камшикувања и каменувања.

фото:Х